„ПЛАНИНА“ СРЕДЕ ЏАДЕ

Не е врвот Зумстенспице (4563 мнв) на Алпите, или  Митикас, на 2918 мнв на Олимп, ниту Мусала со 2.925 м на Рила, но е доволен куп земја на коловоз за да направи беља. “Планината” среде џаде на “Трајко Николоски” постои неколку месеци. Дека е така, повтрдува и вегетацијата која егзистира на натрупаната земја која покрива техничка интервенција врз водоводната или канализационата мрежа. Добро е што надлежните служби од ЈП “Водовод и канализација” го санирале дефектот. Но, по интервенцијата, улицата не ја вратиле во првобитната состојба. Вообичаениот одговор на мајсторите кога станува збор на прокопи е дека земјата требало да “легне”, па потоа да се асфалтира дупката. Во овој случај, проблемот бил од друга природа затоа што се барал поголем ангажман… Можеби, кој знае?

Но, едно е факт, возачите неколку седмици, месеци го заобиколуваат купот земја принудени на голема внимателност. Особено таксистите кои минуваат неколкупати во денот. Старите велат, може да те преврти зрно песок на асфалт, не пак кубик земја на коловоз, ноќе или доколку си забрзан…

Нека биде без зијан, иако пречи во сообраќајот, а за ажурноста на јавните претпријатија кои се финансираат со парите од граѓаните не треба да се коментира. Еден стар прилепчанец, често го употребува муабетот: Убавите работи се забаваат! Малкуте жители кои уште останаа во градов, можеби имаат што да чекаат! Потоп, пекол, или рај! Изборот е индивидуален!

Loading