ФЕСТИВАЛ НА НАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ И ПЕСНИ „ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ”

По 49- ти пат

Денеска и утре во градот и Рудина кај Долнени ќе се одржи 49. фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски”. Околу 300 учесници од цела Македонија, изведувачи на народни инструменти и на изворни песни ќе ги продолжат традициите, умешноста и вековното значење на изворниот мелос.

Вечерва на камената бина ќе се разлеат гајдата, зурлата, кавалот, кемането, ќе одекнат тапаните, ќе се пее изворната песна.

На семинарот за изучување на народните инструменти и песни, изворниот мелос го следат 10-тина учесници од Македонија и гости од Србија.

Во ЦК „Марко Цепенков” се одржува симпозиумот насловен „Фолклорот во минатото и денес”,  кој веќе е традиција.

– Фестивалот речиси половина век го чува, негува и настојува да го пренесе на новите генерации изворниот мелос кој е дел од идентитетот на еден народ. Семинарот за изучување на традиционалните инструменти и песни една деценија е лулка на корените на традиционалната музика од ова поднебје. Има интерес за изучување на инструментите и песните. Тоа веќе се прави во високото, средното и основното образование. Фестивалот, чиј иделог е народниот гениј Пеце Атанасовски, како и својот патрон своевремено, ја пренесува љубовта спрема богатото фолклорно творештво – вели уметничкиот директор на Фестивалот, професор д-р Родна Величковска.

По втората фестивалска вечер на Рудина, Долнени, на први јули, ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи, а најдобриот гајдаџија ќе ја понесе Гајдата на Пеце што ја обезбедува општина Долнени.

Покровители се Министерството за култура и општините Прилеп и Долнени.

Loading