ОД ЛАЈНА И ПОЛАЈНА ИМА

Во еден царски град некој чистач на канали (ѓеривџија), од смрдеата му се кренало срцето за блуење, та се исправил и си рекол:

-Трај, душо, оти од лајнава во полајна ќе те клаам, та после да не се пишманиш.

Така рекол и пак се вратил да го треби каналот. Се погодил и царот да го чуе кога рекол, та беше се зачудил. Се распрашал како се вика и каде живее чистачот. Од палатата, пратил луѓе да го повикаат да го праша за тој збор што го рекол.

Откако го дотребил каналот (ѓеризот) ѓеривџијата, ги зел паричките, си отишол на бања, се измил убао, се променил во убава руба како многу богати луѓе и отишол кај царот, та го претставиле пред него.

– Што го донесовте овој човек, бре луѓе? Ви реков да го донесете ѓеривџијата, а не овега – прашал, зашто кога го видел во ѓеризот не бил променет како што го гледал сега.

– Господару, јас сум ѓеривџијата – рекол чистачот.

– Бре, ти си, а? Ама што ти беше еден збор што го рече кога го требеше ѓеризот (каналот): “Трај душо, оти од лајна во полајна ќе те клаам”? Кај има од лајна во полајна, сите лајна што се во ѓеризите се лајна и нема полајна од лајна, како ти што рече.

– Вистина, нема од лајна полајна и сите се лајна по сите ѓеризи, арно ама спроти мене има еден ѓериз што има многу полоши лајна. Тој ѓериз е измеќерлакот,слугањето.

– Како ќе ми докажеш дека измеќерлакот е полош од ѓеривџирлакот?

– Еве како. Еден ден ако требам ѓериз и ако бидам во лајна, цела недела седам во кафеана, променет и накитен и сум си по ќеф. Кај сакам таму одам, никој не ми преречува. А пусти измеќарлак не е така. И дење и ноќе нема да застанеш. Барем еден ден да ти даде мајсторот да здивнеш, ама не дава! Ако седнеш да ручаш или вечераш, тогаш мајсторот ќе ти заповеда да одиш на вода, иако има вода, ама на мајсторот му се пиела пресна. Или си ручал, не си ручал, ич не му е гајле на мајсторот. Се скршило нешто, се загубило нешто, кој е виновникот – измеќарот! Сите викаат по калфите. Со еден збор, измаќарлак – маскарлак (магаре), што рекле Турците. Затоа велам, “Трај душо, оти од лајна во полајна ќе те пикнам” – рекол чистачот на канали.

Откако го ислуша царот и го виде променет како некој трговец, му рекол.

– Бравос, оти вистина така било, измеќерлакот е полош од лајната во ѓеризот.

Loading