ОБВРЗНИЦИ ЗА КРУЖЕН ТЕК НА МОСТОТ ТАБАНА, КАТНО ПАРКИРАЛИШТЕ И ВЛЕЗ ОД ВАРОШ

ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ КРОЈАТ

Неофицијалано дознаваме дека локалната самоуправа ги испитува законските можности за емитување на хартии од вредност, долгорочни обврзници за собирање на средства за изградба на кружен тек на мостот Табана, за изградба на паркиралиште со неколку ката до зградата на локалната самоуправа и за уредување на влезот од Македонски Брод кон Прилеп, во населбата Варош. Практично станува збор за барање на доброволна позајмица од граѓаните со соодветна камата за реализација на  некое подолгорочно и скапо општо добро за граѓаните.

Локалните власти ниту потврдуваат, ниту демнатираат. Само опозицијата неофицијално реагира на неформаланата најава за емитување на обврзници од локален карактер, без сериозни аргументи.

Инаку, овој начин на доброволно прибирање на средства од граѓаните, банките и компаниите за повисока камата од банкарските со соодветни гаранции за крупни локални инфраструктурни инвестициони зафати, не е некој новина во светот. За забрзување на локалниот развој и за решавање на круцијални проблеми, градовите отвораат законска постапка за прибирање на пари за изведување на проекти од витален интерес на граѓаните. Меѓу моделите за поефикасно организирање и забрзани инвестициски движења секако е и системот на јавно – приватно партнерство за некои проекти.

Зенит уште пред 11 години ја актуелизираше оваа тема со мислење на експерт. Станува збор за професорот од Економскиот факултет, кој сега е во пензија, Д-р Димко Кокароски. Стручните познавања своевремено тој ги стави на услуга и како заменик министер за финансии.

Еве што тогаш велеше Кокароски, а што сега е уште поактуелно со извесни незначителни промени на законот за хартии од вредност.

ЕМ ГРАДСКИ ПРОЕКТИ, ЕМ ГРАЃАНСКО МАМЕЛЕ

Тогаш Кокароски ја поздрави  инвестициската ,,искра,, на локалните власти, која за жал ,,не пламна,, за прибирање на средства преку емитување на обврзници за финансирање на капитални локални проекти. Го респектираше разгледувањето на можноста, иако нема искуства меѓу локалните самоуправи. Сметаше дека секој почеток е тежок, но не е страшен. Нужен е почеток, иако не е лесно да се убедат граѓаните дека општината ќе работи за нивно добро. Инвестициите од тие пари ќе ги почувствувале граѓаните со нови работни места, потоа придобивки ќе имаат бизнисмените, кои ќе ги изведуваат проектите. Сепак, предупредуваше дека е потребна внимателност и подготовка на дебела економска анализа.

Ниту, кога градот го водеше Марјан Ристески не беа дефинирани проектите за кои локалната самоуправа се носеше со идеја да емитува обврзници за финансирање на капиталните објекти од градски карактер. Најпрвин би се разгледала можноста за издавање на обврзници за некој помал проект, кој би бил експеримент, искуство за следен поголем зафат.

Локалната самоуправа претендираше да ги искористат новите законски решенија, со кои е можно да се емитуваат обврзници во соодветна процедура за финансиска поддршка на поголеми зафати од локална природа.

Обврзниците треба да носат принос

Професорот Кокароски велеше дека легислативата овозможува локалната самоуправа да емитува обврзници. Тоа е познат и практикуван инструмент,  но не во локални размери кај нас.

– Нема посебно нешто ново. Да се емитуваат обврзници, нужно е да се задоволат повеќе предуслови. Локалниот економски развој треба да биде водилка да се посегне по издавање на обврзници на локално ниво. Дозволено е, низ комисијата за хартии од вредност, да мине издавањето на обврзници. Локалната самоуправа треба да знае што сака, кој капитални објекти ќе ги гради, што ќе постигне и, пред сé, да знае и да има податоци од истражувања или стратегија, кои бенефити можат да се очекуваат да се излезе пред граѓаните и компаниите, па и пред банките. Нужно е да се регулира како ќе се враќаат средствата. Затоа што обврзниците треба да носат и принос, а  купувачите да се заштитат оти се на подолг рок. Треба да се привлечени, со повисоки приноси од банкарските камати на депозитите. Во тој контекст, треба да се земат некои репери, како банкарските камати – објаснуваше Кокароски.

Со оглед на турболенциите во финансиската сфера, купувачите треба да имаат сигурност со врзување со странска валута.

– Под долг рок се подразбираат пет до десет години. Сигурно дека обврзницата не би била краткорочна за покривање на некој буџетски долг, за некој дефицит во буџетот. Мора да се знае значењето на капиталните објекти. Колку тие ќе го динамизираат растот и развојот на општината, колку работна сила ќе апсорбираат, ќе внесат ли некои новини, техники и технологии, кои ќе даваат принос. Станува збор за објекти, кои на индиректен начин носат принос за стопанството и граѓаните. На пример, градска гасоводна мрежа, рециклажа на отпад, пречистителна станица, и покрај странските пари, можна е и домашна партиципација, индустриски зони за домашни инвеститори кои ќе овозможат поттикнување на забрзан развој. Тоа е бенефит за прибирање поголеми пари од она што на општината í припаѓа и треба да го врати долгот. Потребна е добра стратегија, анализа, па и добар маркетинг. Треба да се гради доверба на политичка и финансиска стабилност – ијзавуваше Кокароски.

Вложувачите ослободени од оданочување на приносите

Во време на криза владее глад за пари. За купување обврзници, нужни се квалитетни проекти за да излезат квалитетни пари на виделина. Предимство е тоа што вложувачите се ослободени од оданочување на приноси.

– Тоа не мора да е носечко. Поентатата е во каматите на обврзниците и за која валута ќе бидат врзани, иако и валутите не се баш сигурни. Извори може да се и банките, граѓаните. Наместо штедење во банки, можат да се вложат во обврзници, доколку каматата е атрактивна. Интерес има за стопанствениците и инвестициските фондови. Важен е проектот. Колку е подобар, толку се поголеми шансите за успех. Битна е гаранцијата за сигурност и стабилноста. Процесот не е едноставен и бара длабока елаборација. Нема искуства во земјава, освен намери на повеќе општини. Во секој случај потребно е опстојно да се размисли и да се направи добра анализа – велеше Кокароски.

Тој објаснува дека разликите меѓу кредитите и обврзниците, не е само во долгиот рок на обврзницата.

– Кредитете се скапи, макар што тие во принцип се со покуси рокови. Не е инструмент јавно – приватното партнерство, но може да дава добри резултати. За жал, уште не се експлоатира, оти нема добри понуди, а треба да се бараат добри партнери со слободните средства чија цел е единствено оплодување на влоговите. Никој не вложува пари од сентименти и алтруизам – укажуваше професорот од Економскиот факултет.

Инаку, Централната банка емитува благајнички записи на кус рок, а Министерството за финансии трезорски записи врзани во валута.

Законска подлога

Хартиите од вредност означуваат инструмент /договорен однос/ договор, чија цел е остварување добивка врз основа на претприемачкиот и менаџерскиот труд на други, вклучувајќи без ограничување акции, обврзници, благајнички записи, комерцијални записи, државни записи, сертификати за депозит и други финансиски инструменти кои се сметаат за инвестиции. Можат да ги издаваат РСМ, Народната банка, локалните самоуправи, трговските друштва и други правни лица. Преносот на хартиите од вредност е можен врз основа на компензација, наследство, подарок, извршување врз заложени хартии од вредност и на други начини.

Обврзницата е долгорочна должничка хартија од вредност со која издавачот се обврзува дека на сопственикот на обврзницата еднократно или во рати, ќе му го исплати на определениот ден, износот на номиналната вредност на обврзницата и каматата. Обврзниците се водат во Централниот депозитар за хартии од вредност како електронски запис.

Loading