НЕМИРНИОТ МАРИОВСКИ ДУХ НА ПЕНЗИОНЕРОТ КРАЈОСКИ

Стојко Крајоски е пензионер на свои 78 години. Во “работно мирување” е од 2000 година. Вели дека е типичен мариовец, со немирен и ведар дух, роден е во Витолиште, во центарот на прилепското Мариово. Поголемиот дел од животот е поврзан со настаните и случките во Витолиште, кое, едно време, беше прва мариовска општина каде беше општествено политички, социјален и педагошки работник.

Азбуката ја научил во селското училиште. Потоа ја завршил учителската школа од последната генерација во Битола. Каде што го совладал читањето и основните знаења, во родното село, бил 9 години учител. И во мариовското село Вепрчани, па во Вранче – Долненско. По 15 години просветар во повеќе села станал дел од Општинскиот штаб за територијална одбрана. И таму држел предавања за заштитата. Пензијата ја дочекал во македонската армија.

-Мариовец сум, кој не мирува. Повеќе од три месеци, во летниот период минувам во родната куќа в село. Ја адаптирав во поранешна мариовска архитектура. И амбиентот  внатре е според времето од пред децении. Се сеќавам на зборовите на поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере, кој беше гостин во мојата куќа. Воодушевен од она што го виде пред скоро 20 години и од она што го забележа при прошетката на околината, препорача да се трудам повеќе време да живеам во Витолиште, во чистиот еко амбиент, природа и, уживајќи да си го продолжам животот – кажува Крајоски.

Во времето, Витолиште имаше повеќе од 1 400 жители кои одгледуваа илјадници овци. Секоја куќа имала по еден поголем булук овци и многу крупен добиток. Сега овците се бројат само кај неколку семејства. Жителите се иселени во Прилеп, Битола, Скопје, некои подалеку, во прекуокеанските земји.

-Се одгледуваат само 4 булуци со околу 1500 овци. Пусто е Витолиште и цело Мариово. А, не е загадено. Природата е чиста, ама нема народ, нема стока, нема грижа за вода, нема обработка на земјата, односно, сé што оди со добар и организиран современ живот. Добро е што се направи патот пред 40 години. Замреа мариовците, иако не сме скротливи по карактер – кажува Крајоски.

Отсекогаш се носел да реализира многу идеи за еколошки чистиот предел погоден за разно разни професионални и аматерски производствени зафати.

– Мариово е рај за пчели, за сточарство, за шумарство… А, имаше погон Црн Бор. Беа вработени доста мариовци. Во конфекцијата Солидност работеа повеќе жени од селото и од околината – жали Крајоски.

Бил и советник во општината Витолиште еден мандат. Потоа згаснала општината. Се ангажирал за градбата на резервоарите и водоводната мрежа во селото. Уште негува надеж Мариово да биде барем дел од некогашниот предел. Затоа ги поттикнува своите соселани, иако не се сега жители, да направат нешто за развојот на селскиот туризам, не само во Витолиште, туку и во Полчиште, Бешиште, Чаниште, Крушевица, Дуње…

-Своевремено се урбанизира просторот на Црна Река кај Расимбеговиот мост. Се изградија 28 викенд рибарски куќи. Но, остана на тоа. Се изгради водовод и канализациона мрежа. Се обезбедија и контејнери за собирање на ѓубрето. Сега не е функционира канализацијата. Нечистотии се излеваат по улиците. Водоводот не функционира, оти немало жители да плаќаат вода. На ЈП Водовод и канализација не му се исплаќало. Прилепската локална самоуправа треба да го преземе и да го одржува водоводот. Се нафаќам да плаќам  вода до 5 метри кубни за сите жители, освен оние со овците во селото Витолиште. Сонувам да функционира водоводната мрежа – завршува огорчено Крајоски.

Како пензионер сега е пејач во КУД Пензионер. Учествувал со прилепските пензионери, музичари на повеќе манифестации низ Македонија и Србија.

Умира традицијата

Интересна традиција е за Илинден во Витолиште кога се коли вол и се собираат по илјада и повеќе гости од цело Мариово, од градот од Скопје, дури и од далечните прекуокеански земји. Но, и оваа традиција е замрена. Сé помалку мариовци доаѓаат на родната грутка да си ги видат огништата и лулките во распаднатите камени домови зараснати во капинки.

Шест години во Сингапур         

Немирниот дух не го остава да седи во неговата куќа во Витолиште. Со сопругата и другари планинарат. Љубител е на културно-историските споменци. Бидејќи синот му е пилот во Сингапур, често, или секоја зима, го посетува. Така му се собрани речиси шест години живот во оваа далечна земја. Воодушевен е од раскошниот, богат и многу интересен живот на  еден од азиските “тигри” како што го викаат Сингапур. И не само неа, туку ги згазнал и прошетал Малезија, Тајван, Хонг Хонг…

Loading