ВО ПРЕГРАТКА СО НЕБОТО

Дејан Пеливаноски и Ѓорѓи Манчески го рехабилитираат спортскиот аеродром

Огромната љубов кон летањето ги предизвика двајцата ентузијасти и заљубеници во летањето со авион и со едрилица, Дејан Пеливаноски и Ѓорѓи Манчески да се зафатат со рехабилитација на спортскиот аеродром кај селото Мало Коњари, кој сега е регистриран на каратата на петте воздухопловни пристаништа од ваков карактер во земјава како спортски аеродром Прилеп.

Меракот за височините и дружење со облаците ги однесе да ја реинкарнираат (воскреснат) традицијата за воздухопловството, негувана неколку децении, а последниве две оставена на милост и немилост на времето, на совеста на граѓаните и на индолентноста на државата и на локалната самоуправа. Со сопствени сили, без поддршка, рехабилитирана е пистата, долга еден километар, рулната патека, препокриен е хангарот,  поставена е нова голема лесноподвижна порта, подот добил нов бетон, канцелариите од руина се претворени  во комфорни работни простории за обука на младите. Дури се подигнати два летниковци, посетителите и гостите пријатно да се чувствуваат при престојот на леталиштето.

Претседателот на аероклубот Прилеп, Дејан Пеливаноски, се гордее што се минати неколку фази во реконструкцијата на спортскиот аеродром да се подобрат безбедносните услови.

– Аеродромот го користат сите пилоти од земјава. Првин се препокри хангарот. Се реконструираа пистата, рулната патека со поставување на бетонски ограничувачи. Сосема се обновени просториите. Последната фаза е уредување на дворното место, односно изградба на летниковец. Останува изградбата на нов санитарен јазол. Зафатот овозможува да се реактивираат сите дисциплини, заживеат, моторното летање, ултра лесното летање, едриличарството, падобранството, моделарството – вели Пеливаноски.

Планираат обуки и едукација за моделарство и за едриличарството, младите да се запознаат со воздухопловството, да ги разбудат затаените мечти за летање и дружба со небото и Икар.

– Сакаме да се анимираат, да се привлечат млади со афинитети за летање и да се подготват за во “воздух”. Тоа е долг процес. Не е доволна само љубов. Тоа е најголемата инспирација, но битна е безбедноста. Бадијала има љубов, ако нема безбедност при летањето. Затоа се тргна првин на реконструкција. Загрозена беше безбедноста. Вложени се сопствени средства за кревање на безбедноста на највисоко ниво – вели Пеливаноски, кој после авионот Маја, па Фасцинејш, сега лета на Комед ФК 12, двокрилец кој го подготвува за технички преглед.

Тој не може да го опише со зборови задоволството од летањето, од синилото, од височините, од погледот долу на планините, шумите, рамнините, зеленилото…

– Кој не летал, не може да знае што е адреналин, возбуда… Многу луѓе се јавуваат, пуштаат пораки да ми бидат друштво, да ја поделиме авантурата од горе, покрај облаците – вели Пеливаноски.

Одржувањето на авионот не е скапо. Регистрацијата и сервисот се колку за еден просечен автомобил. Авионот троши супер бензин или 15 литри на час. Може да се стигне побрзо и поевтино, на пример, до Штип.

Страстен вљубеник во височините, ама на едрилица, е и Ѓорѓи Манчески. Од 2017 година лета во Штип, каде се обновило едриличарството.

-Без помош на државата и Општината, со Дејан го враќаме аероклубот, кој нема едрилици во функција над 20 години. Клубските едрилици не се во летачка функција. Имаме три, дрвена за почетнички обуки, со одлични перформанси за стабилност. Има една врвна високо способна едрилица и уште една моторизирана едрилица. За обука имаме и витло, односно сајла долга преку цела писта која ги крева едрилиците. Планираме набавка на моторна едрилица која ќе ги повлекува другите во воздух – вели Манчески. 

Планираат да направат систем за обуки в година.

Аероклубовите биле дел од образовниот систем, финансирани од Министерството за образование до 2000 година. После сé замрело. А имале функција да подготвуваат млади за воена воздухопловна академија, да станат професионални, комерцијални или воени пилоти. Се подготвувале и инстструктори.

На ваквите клубови им е потребна поддршка.

-Располагаме со прекрасни предели. Во африканската земја Намибија има едриличарски туризам со тура од седум дена за 10 илјади евра или 1 300 евра дневно да се гледа пустината од високо, додека кај нас раскошните планини остануваат невидени. Има луѓе кои сакаат и можат да го платат тоа задоволство. Едриличарството ќе стане привлечно, како што Крушево стана атракција за параглајдеристите. Ќе се создадат услови со добра организација. Час летање со параглајдер е поскапо од час летање со едрилица. Не е екстремно скапо – оптимист е Манчески.

Воздухопловството се негува и во Битола и Штип. Спортски аеродроми има и во  Скопје и Куманово.

Во септември

Промоција на едриличарството

Прилеп ќе биде домаќин на 50 едриличари, од кои 20 од Македонија, и по 15 од Косово и Србија на тридневниот камп за чист воздух и едриличарството на аеродромот кај Мало Коњари на 2, 3 и 4 сепември. Клубот Скајрајдерс доби средства од Вестерн Балкан Фонд за кампот, во чија содржина ќе има предавања за чистиот воздух, за незагадување и заштита на пелагонскиот воздух. Ќе има и 30 информативни летови по 30 минути за запознавање. Ќе се организираат и акробатски летови. Поканети се и пилоти да ги презентираат своите вештини.

Како повторно роден во едрилицата

Ветеранот на летањето Димко Спиркоски – Шинде (70) се сеќава дека прилепскиот клуб бил многу активен.

– Драго ми е што се реновира спортскиот аеродром. Овде го минав поголемиот дел од животот. Се надевам дека ќе се создадат наставници и ученици, иако е потешко оти сé е приватно. Летав со едрилица по 17 години. Се чувствував како повторно роден. Се воодушевувам, немам страв. Важно е во вонредна состојба да се реагира исправно, да се почитуваат сите правила и прописи зошто сите се напишани со крв. Прво луѓето гинат, а потоа се пишуваат. Потребни се контроли. Се гордеам што сите што сум ги обучувал не направиле некој инцидент – вели Спиркоски

Тој бил управник  на аеродромот 10 години (1976 -1986 г). Работел  кога се вратил од војска. Располага со сите дозволи, за едрилица, за моторен авион, за професионален пилот и инструктор.

Од дете го засакал воздухопловството. На 6-7 години видел како изгледаат моделите и отишол во аероклубот. Прво бил меѓу моделарите, потоа моторен пилот, па во едриличарството…

Loading