СОВЕТИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ ПРЕД ЗГРИЖУВАЊЕ ВО ГРАДИНКАТА

Домашна подготовка

Пандемијата донесе одредени ограничувања и протоколи во градинките да се намали ризикот на ширење на болеста и да се заштитат децата и вработените. Пристапот во градинката е оневозможен за надворешни лица, а со тоа родителите кои првпат носат дете во градинка веруваме дека се соочуваат со стрес заради неможноста од блиску да видат каде нивното дете ќе престојува, па дури и да го поддржат во периодот на адаптација со нивно присуство, доколку воспитувачот реши дека има потреба.

Затоа еве неколку совети за помомош на родителите и за полесно премостување со предизвикот, прв ден во градинка.

Пред да започнете да го носите детето во градинка, договорете се со воспитувачот да остварите средба, да се запознаете и да ги поставите сите прашања.

Со детето разговарајте и именувајте ги луѓето кои ќе се грижат за  него (воспитувачх и негувател), па дури смислете некоја приказна во која тие се главните ликови, со цел кај детето да се создаде чувство на доверба и една позитивна слика (пораката е дека секогаш може да им се обрати доколку му е потребна помош).

Во периодот пред детето да почне да ја посетува градинката, организирајте го времето на начин во кој кај детето ќе создадете одредени рутини кои одговараат и на вашата временска рамка наутро (со цел да немате стресни утра) и на рамката и дневниот ред во градинката што е многу важно да се почитува.

Пред да го носите детето в градинка убаво би било да правите прошетки до градинката во која ќе престојува со цел детето да ја запознае околината.

Поттикнувајте го детето само да извршува одредени активности (облекување, миење на рацете и др.) и давајте помош само тогаш кога сметате дека е потребно. Малите деца можат и сакаат да се грижат за себе.

Најважно од сé на првиот ден кога ќе го донесете вашето дете в градинка е да се опуштите и да му верувате на тимот од професионалци кој ќе помогне во поставувањето на темелите за детето да биде среќно, самосвесно и самостојно колку што му дозволува развојниот период. Ќе му помогнат во стекнување на животни вештини кои подоцна ќе ја олеснат транзицијата градинка – училиште.

Емилија Иваноска

воспитувач во ЈОУДГ “Наша иднина” Прилеп

Loading