ИМИЊАТА НЕ ИГРААТ УЛОГА КАЈ БАБУНСКИ

Фудбал

Не е лесно да се биде тренер на клуб како Победа. Тоа го почувствувале сите кои досега биле во таа улога. Секако и актуелниот Бобан Бабунски. Од првиот ден, малку на шега рече дека под Марковите Кули признаваат само успеси. Сé друго е ништо, оти Победа е бренд. Бабунски не се дава. И тој е големо име на поранешен играч и стручњак. Се бележаат принципите.

– Сакам критериуми кои сите ќе го почитуваат. Сите да се согласуваат. Нема пардон кон никого. Без разлика на името од минатото или сега, ќе го гледаме само квалитетот покажан на тренинг и натпревар. Доаѓаат играчи гледани на видео. Велам да ги видиме сега. Ако вреди и ако е подобар од тој што го имаме, ќе игра. Предност добиваат тие кои повеќе трчаат, помалку грешат, даваат повеќе квалитет и во офанзива и во дефанзива, во два правца – најавува стратегот.

Идејата е на секоја позиција да има по двајца квалитетни, за здрава конкуренција. По заминувањето на Оливер Христов, Благој Истатов, Дарко Анѓелески, Борче Сркески, Давид Јошески, Марио Дебрешлиоски, Филип Димоски и Даниел Карчески, да се подигне квалитетот доведени се шестмина. Тоа се играчот за врска Хамза Рамани од Беласица, бранителите Методија Делов од Тиквеш, Игор Паноски од Воска и Огнен Ѓурковиќ од Будуќност Добановци, левите странични Христијан Коцев од Македонија ЃП и Агон Хани од Струга. Не е исклучено да се земе уште некој до прволигашкиот старт на 7 август, во подготовките што привршуваат.

-Задоволен сум  од интересот, дисциплината на тренинзите и пријателските натпревари. Играме со силни ривали да се видат нашите потенцијали и слабости. Има и играчи на проба. И натаму ќе доаѓаат, младиот потенцијал да се поткрепе со искусни фудбалери. Настојуваме да ги следиме трендовите, повеќе да се трча, побрзо да се игра, побрзо да се размислува. Оптимист сум – отворен е Бабунски.

До 7 август и прволигашкиот дуел со Тивеш во Кавадарци, се пријателските мечеви. По Брегалница (0:2), Работнички (0:0), Струга (0:2), во средата беше со албанската Егнатиа (2:2), а в сабота е гостувањето кај Академија Пандев во Струмица.

Loading