ЦЕЛА ПРОГРАМА СО ПОМАЛКУ ПАРИ

Горан Цветкоски, в.д. директор на Заводот и Музеј Прилеп

Етнологот Горан Цветкоски е новиот в.д. директор на Заводот и Музеј Прилеп, институција која годинава одбележува 65 годишнина.    

Што ќе биде Ваш прироритет, со оглед на тоа што наследивте веќе прифатена програма?

Завод и Музеј Прилеп има богата програма од неколку дела, заштита и конзервација, која е  обемна и музејската дејност, проследена со бројни проекти, од кои дел се реализирани. Продолжуваме со почнатите проекти, со надеж дека до крајот на годината ќе се завршат сите, финансирани од Министерството за култура. Настојуваме сите почнати проекти да се завршат, бидејќи со ребалансот на буџетот мораме да скратиме околу 35 проценти од финансиските средства од годишната програма. Со скратувањето на буџетот, во интерес на комплетната работа, заштита, конзервација, музејска дејност, инвестициска, ќе се обидеме да ги завршиме комплетно сите почнати проекти.

На кои проекти моментно работи Заводот и Музеј?

Тоа се основен проект за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата и трпезаријата на манастирот Успение на Св. Богородица, манастир Трескавец, заштитни археолошки истражувања на гробници од македонски тип, реконструкција и реставрација на неолитскиот култен жртвеник во локалитетот Врбјанска чука, со што цениме дека треба да биде заштитен. Откако е тука поставката, немаме преземено заштитни конзерваторски мерки. Имаме основен проект за реставрација на црквата со трпезарија Св. Никола во с. Загорани, заштита на археолошките истражувања на локалитетот Селиште. Тоа е  ранохристијанска некропола. Првата фаза е почната и до крајот на годината ќе се завршат. Имаме проекти и за Крушево, за заштита и конзервација на куќи, во музејот леарница. Имаме непочнати проекти, како втората фаза за конзервација на иконостасот во црквата Св. Благовештение. Тој ќе продолжи, бидејќи лани ја завршивме првата фаза. Дел од проектите ги завршивме, како што се заштита и конзервација на фрескоживописот во црквата Св. Илија во с. Мелница, заштитни археолошки истражувања на локалитетот Стибера. Остана проектот за конзервација на откриеното кој ќе почне од септември. Заврши заштитата на археолошките истражувања во с. Долиште, потоа со едуактивниот проект за иматели на заштитни и евидентирани културни добра под надлежност на Заводот, односно ги едуциравме имателите за начинот за заштита. Извршивме конзервација и препокривање на црквата Св. Никола во с. Манастир, завршивме со проектот – културното наследство во опасност во Трескавец, што е основа за конзерваторска заштитна област. Од музејската дејност завршивме повеќе проекти, од кои најзначаен е постојаната поставка на роднокрајното музичко творештво, што е една од најубавите во Македонија. Располагаме со богатство и ризница од инстументи, предмети, награди од прилепските музички дејци Селимова Желчески, Илија Јанчулески, Блага Петреска, Гога Зафировски и др. Интересна поставка од големо значење.

Со пензионирањето на дел кадри, заради законските одредби, се соочивте со недостиг од стручни лица. Како ќе го решавате проблемот?

Со новиот закон, шест-седум лица заминаа во пензија. Се соочивме со недостиг од кадри. Во тек се сите активности за изработка на планот за вработување во 2023. Се надевам дека со помош на Министерствата за култура, информатичко општество и финансии ќе најдеме заеднички јазик и ќе ги пополниме сите стручни кадри, бидејќи Завод и Музеј Прилеп покрива четири општини, Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани. Овој дел е богат со културно наследство  што треба да се евидентира, конзервира и заштити. Цело Крушево е заштитено подрачје. Подготвени сме да влеземе во коштец со времето и да работиме за заштита на културното наследство.

Loading