СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ОКЈАР

Иницијатива (11)

Објавуваме написи за животот и делото на една многу интересна личност од историјата на Турција – Али Фети Окјар. Тој е роден во Прилеп и бил политичар, војник, дипломат и публицист.

Неговиот бурен живот предизвика неколку интелектуалци и бизнисмени од Прилеп да покренат иницијатива за одбележување на високите политички дострели на прилепчанецот на политичката сцена во Турција во почетокот на минатиот век кој во политичката кариера стигнал до позицијата премиер на младата турска демократска држава и прв соработник на основоположникот на современата демократска Турција, Кемал Ататурк.

Уште неколку детали за дипломатските маневри на ОКјар и Ататурк

По катастрофалниот пораз на грчката окупациска војска кај Сакарја  во 1921 г., за да се подготви за завршните судбоносни битки за дефинитивно ослободување на земјата од грчките и другите европски освојувачки војски на Ататурк му буле потребни неколку месечни подготовки. За постигнување на оваа цел, во 1922 г., неговиот најдоверлив другар Окјар го испратил во дипломатска мисија, со единствена цел за “купување време”, замајување на официјалните власти на Франција, Италија и посебно Англија, по можност до септември 1922 г., преку пренесување на готовност и интерес на властите во Анкара и на условите за постигнување мировен договор.

За разлика од официјален Париз и Рим, каде што Окјар наишол на одобрување, Лондон извесен период одбегнувал средба со преставникот на Ататурк. Ваквото однесување одело во прилог на мисијата на Окјар и тој од своја страна преку британски новинари, информирал за готовноста на Турција да преговара за постигнување мировен договор. Дипломатските маневри на Окјар резултирале со позитивен исход. Англиската јавност и опозицијата станале гласни во критиките на власта. Како резултат на ова, по инструкција на британското министерство за надворешни работи, водено од Лордот Кјурзн, се реализирала средба на Окјар со заменикот Батлер. И по оваа средба, “купувањето време” продолжило од двете страни. Траело до веста за големите успеси на турските воени сили, водени од Ататурк, како командант. Британија и Кјурзн биле затечени од катастрофалниот пораз на грчката армија. Побарале итна средба со Окјар, која се реализирала во 1922 г. На англиска страна í било укажано на потребата од прекинување на воените операции и седнување на преговарачка маса за постигнување на мировен договор.

Окјар од млад имал здравствени проблеми. По враќањето во 1919 г. од прогонството во Малта, имал проблеми со срцето. Во 1933 г. нагло му се влошило здравјето. Главна причина биле непринципиелните напади на власта и неговите сопартијци, што резултирале со укинување на партијата чиј бил претседател. Извесен период лежел в болница, прво во земјата, а потоа и во Виена, Австрија. По закрепнувањето, се вратил во Истанбул и бил именуван за амбасадор во Лондон, И таму често посетувал лекари, поради слабост на срцето. Терапија и совети добивал  и од француските кардиолози.

По враќањето од Англија, бил избран за пратеник во турското собрание. Истовремено бил министер за правда, но околу година ипол. Здравствената состојба му се влошила до мера да не може да ја врши оваа одговорна функција. Од Анкара се вратил во Истанбул, каде што до неговата смртта, на 7 мај 1943 г., бил лекуван од најдобрите турски кардиолози од тоа време. Починал на 63 годишна возраст, оставајќи ги зад себе сопругата Галибе, ќерката Нермин К’рдар и синот Осман, како и незаборавните дела и заслуги како спикер на парламентот, премиер, министер, пратеник, дипломат и публицист. Погребот бил извршен на 9 мај 1943 г. во Истанбул.

(продолжува)

Loading