СИНОТ ГО БОДРИ ТАТКОТО НА 2 ИЛЈАДИ МЕТРИ ВИСОЧИНА

Теодор (14) и Ѕвездан Кондоски (43) освојуваат планински врвови

Вообичаено синот го следи таткото. Оди по неговите чекори. Наследник е на занаетот, професијата, хобито. Но, во случајот на Теодор (15) и Ѕвездан Кондоски (43), таткото го следи синот. Односно, оди по неговите чекори во планината. Двајцата се вратија од освојувањето на Триглав (2864 н.м.в.). На 15 јули, заедно со групата од 16 планинари од Гевгелија и уште двајца планинари од Прилеп, Лилјана Митреска и Христијан Секулоски, го вдишија остриот воздух на Јулиските алпи во Словенија. Се воодушевуваа на изгрејсонцето. Заради невремето, совладувањето на планинскиот масив го поделиле во два дела. Првин се искачиле до планинарскиот дом Планика, а следниот ден стигнале до целта и да го развиорат македонското знаме.

– Се чувствував успешно, триумфално. Беше малку тешко качувањето од планинарскиот дом Планика до врвот, затоа што последните неколку стотици метри се алпинизам, а не планинарење. Вкупно 28 километри. До Планинарскиот дом има 12 километри. Трите километри ги одевме до врвот следниот ден заради невремето – вели Теодор Кондоски, планинар.

– Имаше и остатоци од замрзнат снег. До врвот одевме два ипол часа. Бевме голема група, се движевме побавно, се почекувавме на патеката широка еден метар и без простор за разминување. Се искачувавме врзани за сајлата – објаснува таткото Ѕвездан Кондоски.

Пред три недели биле на Олимп. Го споредуваат искачувањето во Словенија и Грција. Раскажуваат за двата врвови со воодушевување.  Од безбеден аспект е понебезбеден.

– До Скала е пристапно за искачување. Може да појде секој. Но, до Митикас е стрмно како до Триглав. Патеката е поширока, но не е  обезбедена како на Триглав. Мора да се фаќаш, да се држиш на карпите кои се мазни и теренот е ронлив – раскажува Теодор.

Шест часа се искачувале до Митикас (2918). Испешачиле 14 километри.  Времето што требало да го спијат, го минале во искачување и слегување. Веднаш потоа отишле на плажа.

– Словенија е планинска земја со многу зеленило. Планинарското искачување е по стандарди со придружба на хелихоптери, со медицински екипи. Во Грција е теренот е мошне непристапен. Има многу туристи, а домот исполнет до последно место – вели Ѕвездан Кондоски .

Досега Теодор ги совладал сите планински врвови во Македонја. Или за своите 15 години минал над 1 000 километри. Таткото го следи синот, откако најнапоред синот се впуштил во планинарското дршутво.

Откако се обидел да се занимава со фудбал, а потоа и со пливање кое е само во летниот период, Теодор пројавил желба за планинарење со одобрение и придружба на родителот. Го започнал дружењето со членовите на ЕПД Картуш.

Иницијативата била на Ристо Димоски и со консултација на планинарот Живко Димитриоски – Јулио. Така решиле “малиот” да планинари.

Видливи се придобивките од планинарењето. Теодор е здрав како дрен. Заборавил што е доктор. За сигурност и превентивно направиле консултација и со лекар. Им перепорачал дека без проблем може да се искачува до 4500 н.м.в.

Редовно имаат физички подготвки. Трчаат 12 км. неделно. Се качуваат на Трескавец со песна. Од Слончето до Трескавец одат за 1.15ч. со половина литар вода и батерија в џеб. Планинарењето го доживуваат како убав спорт. За уживање, за адреналин.

Предизвик им се Мусала и Вихрен во Бугарија. Во зима се искачуваат на планините во околината на Прилеп. Благодарни се на општествената одговорност од Мермерскиот комбинат.

СИНОТ ГО ТЕШИ

– Го следам синот. Практично синот ми ми дава сила. И сопругата доаѓа на полесни тури. Имаше една ситуација,  се качуваме на Кораб. Се уморив на 300 метра до врвот. Снемав сила. Сакав да се откажам. А Теодор ми вели, ако сакаш да тагувам цела недела, откажи се. Добив силен аплауз за бодрење од сите планинари и продолживме – вели таткото Ѕвездан.

Лилјана Митреска (65), планинар

Планинската “мајка”

На Триглав се искачи и Лилјана Митреска.

– Се чувствував како орел, како да се освоило недостижното, високо. Сум се искачила на врвот Скала, на Олимп. Одамна го негувам меракот за пешачење, заедно со покојниот сопруг Трајче. Со планинарењето здравјето се подбрува сто отсто. Поубаво од пешачење нема. Не треба апче. Синот Тошко е “заразен” од мал. А и внуките Марија и Јана полека се придружуваат во планинарењето – вели Лилјана Митреска.

Ја викаат планинската “Мајка:”, оти секогаш е подготвена за помош и за ситни потреби. Ако некому нешто му треба или има помош, тука е таа, со најлонче, наливче, тевтерче…

Loading