УШТЕ ТРИ ДЕНА ПРИЛЕП ЌЕ БИДЕ ПРЕСТОЛНИНА НА ПИВОТО

Со мамурлак од повеќето малигани на првата ноќ на фестивалската треска, Пивофест, се разбиди Прилеп. Чист како солза. Градот светна во сончевина и овој петок. Комуналците ги собраа ѓубрето по фештата по штандовите до раните утрински часови. Незаборавни импресии носат посетителите од забавата. Преполните кригли и еуфоријата на штандовите и алтернативната сцена даваат надеж дека годинешното, 18-то, издание ќе ги надомести двете пропуштени поради пандемијата. Градот се покажа во вистинско светло на домаќин на популарниот фестивал на пивото, скарата и убавата музика.

Празникот на пивото се организира во центарот со соодветна инфраструктура на околу 4000 м2, со учество на дваесетина фирми, меѓу кои сите пиварници од земјава и претставници  на пиварниците од странство.

Градоначалникот Борче Јовчески изјави дека градот подготвено ги дочекува гостите со преземени сеопфатни и соодветни безбедносни мерки, со доволен број на паркинг места, тоалети хигиена и засилени комунални служби и инспектори, фестивалот да не личи на шабачки панаѓур и бувљак со штандови со гаќи, прслуци… 

– Очекуваме над 100 илјади гости во четирите фестивалски денови. Тоа е добро за локалната економија – вели Јовчески.

На претстојните уште три фестивалски вечери акцент е ставен на македонската музика и изведувачи.

Вечерва, петок, 15 јули, програмата почнува од 19 часотсо Рок Блуз Бенд, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Нокаут, Ареа, Дивље Јагоде, Брас Братдер, а на алтернативната диџеите Ана Нудл и Лили Дива.

Утре, сабота, 16 јули, забавата тргнува од 18.45 часот со Ламбе Алабаковски, Некст Тајм, Лозано, Суперхикс, Хари Мата Хари и Вера Јанковиќ, а на алтернативната сцена ќе настапат диџеите Митрик, Алекандар и Димитр.

За финишот, в недела, 17 јули, со старт од 18.45 часот, посетителите ќе го “палат” Никола Зацевски, Елена Велевска, Миле Кузмановски, Темпера, Меморија, Галија и дискџокејот Бабура Јуниор.

Loading