“СЛУЧАЈНИ СРЕДБИ” – ИЗЛОЖБА ОД ДИЈАНА ТОМИЌ

“Случајни средби” е тематската изложба од графики и цртежи од Дијана Томиќ што ќе се отвори вечерва од 20.30 часот во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”.

Изгледаат случајни состојбите на кои налетувала и посакала да ги овековечи Дијана Томиќ-Радевска. Иако делуваат токму така, случајно, содржат скриено чувство за припадност на слична, блиска, недефинирана групација на луѓе, распространети насекаде низ светот. Недефинираното, но јасно изразено чувство е видливо и во описите: – Играчи со оган-баскери – Нивната радост во изведувањето, перформансот како стил на живот, безгрижноста во номадскиот стил и прашањето на припадност или неприпадност. Прашањето за релативноста на задоволството, на несигурноста и моќта на слободата. Чуварите на благото. Невидливи кустоси во музеите расправаат за уметноста, живеејќи со најголемите дела. Ликови кои ме испровоцирале низ карактеристична композиција, физикус, посветеност и искрено почитување на уметностите. Вистински Французин. Одредени портрети поврзани со доживеана комуникација. Потеклото и припадноста, дали е тоа суштествено во односот човек-човек. Антрополошки препознатливи карактеристики, испреплетувајќи ги датотеките на сопствените корени. На улиците. Сцени од улиците, минувачи, моја слободна фантазија. Под земја. Сцени од метро станици и оние кои голем дел животот го минуваат под земја, патувајќи, чекајќи. Се преплетуваат јазици, култури, знајни и незнајни кои делат слични судбини. Нови генерации. Фигури и ликови фотографирани во галериски простори како загрижени посматрачи, кои стануваат уметничко дело или инсталација. Фигури во “стуткана” форма како најудобна за одмор, но и понизност пред богатството.

Томиќ Радевска (1961), од Скопје, е мултимедијална уметница и дизајнерка. И лежи графиката, цртежот, арт инсталација, арт видео и дизајн. Експериментирајќи со различни техники во монотипијата и објект – графика.

Дипломирала во 1984 година на ФЛУ во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1985 година. Ималабројни групни и самостојни изложби и студиски престои. Таа е самостоен уметник.

Loading