СЕ ПЕНТЕРИ ПО СКЕЛИЊА И ВО ДЕВЕТТАТА ДЕЦЕНИЈА

Киро Орданов Апостолоски, малтарџија 

Ек на градежни работи. Каде и да се завртиш, сé некој нешто работи. Или се доградува некоја просторија, или од корен се крева станбено здание. Прилепчани вредни како мравки, го користат јулското сонце, дури е голем денот да завршат некоја ѕидарска работа. Велат мајстори има се помалку, а и оние кои ги има не се од збор. Фаќаат работа на повеќе места и ела чекај го мајсторот.

Меѓу малкумината градежни работници, но вреден и исполнителен е и 84 годишниот Киро Апостолоски, од татко Ордан. Се пентерел по скелиња и во деветтата деценија. Го начекавме како работи оградно ѕокле во двор. Нам ни пречеше пладневното сонце, а тој гордо í пркоси на жештината. Витален, енергичен, ведар и насмеан. Небаре станал од пладневен одмор.

– Со малтарење и други градежни работи се занимавам, затоа што такво ми е срцето. У ште ми е мерак да работам. Ако не можам физички да одоговорам на барањето на муштериите, нема да работам.  И калџија, и малтарџија сум. Што треба работам – ревносно говори Апостолоски, мајсторот.

Маката го натерала, сам да го научи занаетот. Видел дека е тешко, па фатил кришум да ги совладува марифетите. Со пробувал со вода, наместо со малтер. Ѕидал, шаловал, покривал, малтерисувал, научил и фасади да прави, и да изѕидува. Вешт е со мистрија, тесла, вангла и пердашка… Со умешност ги користи алатите, висок, либела и вагрес… 

Алатите му се како играчка. Не му е товар, мака ниту на таа возраст, кога повеќето врсници барат столица да седнат или се мачат да станат од креветот. 

– Ме сакалдисува кога ќе појдам некаде, а газдата ми кажува како да работам. Ако знаеш, земи ја мистријава. Му велам, ако не чини, не сакам пари, ако ја бендисаш работата, двојно да платиш. Нее ми најдувале маана градежни инженери и техничари. Знам да читам и изведувам архитектонски планови. Сега брзо шаловав надворешни скали со армирано железо – вели Апостолоски.

Го бараат за малтарење, внатрешно и надворешнао, грубо и фино. 

Ич не се плаши од височината. Исто му е како на земја да работи. Сам меша и калџија не му треба. Ако се повеќе денови, сам работи.

-Качувањето на скеле ме “храни”. Како да се качувам по скали, а не ми треба скала. Слегувам удолу по цевки. Грубо може да измалтарам дневно и до 80 м2, само да фрлам, а со фино, со пердашење до 40 м2. Сам го правам малтерот и си носам. Ако е со цемент, две со едно, или со вар на десет лопати песок, една цемент и три вар, три со едно, ни мрсно, ни посно – открива Апостолоски.  

Маката го изучила од мали нозе. Како младич работел во битолска фирма Виуци над Селце. Садел борови во 1955-56 г. Копале бразди. Отишол војска и пак се вратил на истата работа.

– Војската дава памет повеќе и скромност. Копај со казмата и рини со лопата. Си реков, човек што ќе научи овде? Ги фрлив во браздата и отидов во градежната фирма Пелагониј. Се работеше со тезгериња. Немаше конзоли. Маката ме научи. Носев малтер на мајсторите. Ги гледав како работат и ја зедов ванглата и за да не трошам материјал, пробував со вода од буре. Сфатив дека мајсторилакот е во раката. Не знам колку вангли имам “изедено”. Имаше мајстори од Мали Влај. Од нив научив да правам фасади. После отидов во Прилепец, потоа во битолска Дигра, па во Црн бор, па приватно. На 55 години се пензипнирав со 35 години стаж. Бериќетфрсан и еве уште работам – вели Апостолоски.

Ги реди изградените објекти. Ги кажува задоволните муштерии. Го брка времето и место не го држи.       

– Ќе работам дури очи ми гледаат – гордо вели малтерџијата Киро кој ита да продолжи со работата оти со разговорот имал празен дел во дневницата.

Жали што во семејството нема наследник, а уште повеќе што воопшто младите не работат физички работи како што е градежништвото.

Работата му е како играчка

– Знам да изградам цела куќа. Ѕидам и со камен, кревам чатија… Како порано. Ме бараат за сé. Пазарот со мајстор оди 2.500 денари дневница. Одам за 2 000 ден. и едно јадење. Од 7 до 17 -18 часот. Ако бара работата, дури не завршам, дома не си одам. Не сакам да се срамам. За еден квадрат, не оставам недоправено.

Нафората му е апче

Оние кои одат во црковниот храм Св. Благовештение го гледаат Киро Апостолоски како пее во хорот. Секоја недела. Здравјето го служи.

-Апче ми е нафората. Си каснувам. После ја земам теглата со мед, една лајца мед и едно чаше ракија. Земам нешто за на работа и терам така цел живот. Навечер гледам телевизија и во 22 ч. в кревет да ми се одморат рацете и нозете за другиот ден.

Loading