ПРЕТСТОИ СЕЛЕКЦИЈА ОД БАБУНСКИ

Фудбал – Победа

Дваесетина дена траат подготовките на фудбалскиот прволигаш Победа. Како ќе одминуваат деновите, така расте бројот на присутните на тренинзите. Тоа е неизбежно поради масовноста, ретко видена досега. Ако на првиот собир имаше само неколкумина, секој ден повеќе и повеќе, за на почетокот од неделава да бидат над 30 фудбалери. Дознаваме дека се јавуваат домашни и странски фудбалери со желба да заиграат за прилепскиот тим. Тоа годи, но времето лета. Наскоро треба да се знае со кој играчки фонд ќе настапи клубот во највисокиот ранг. Извесно е дека тренерот Бобан Бабунски со соработниците за брзо ќе ги редуцираат фудбалерите и ќе ги сведат на оптимум да се извршат квалитетни подготовки.

Навивачите и симпатизерите очекуваат имиња на играчите кои ќе го засилат клубот. И на ова прашање многу скоро ќе треба да се добие одговор, дали некој од дојдените на тренинзите ќе потпишат пристапница – Удома Чуквума од Пелистер, Ѓорѓи Јованоски од Слога, Игор Паноски од Воска, Методија Делов од Тиквеш, Љавдрим Фазлиу од Македонија ЃП или некој од неколкумината Срби. Од друга страна, во согласност со околностите, ограничени се финансиските можности. Со добар сопствен кадар и шампионски младински тим, приоритет е задржувањето на досегашните првотимци и давање шанса на младите. Од младинскиот тим има десетина, а од сениорскиот мнозинството остана освен Благој Истатов, Оливер Христов, Дарко Анѓелески, Борче Сркески и Даниел Карчески. Меѓу тие кои решија да останат се Дарко Тофилоски, Јорданчо Наумоски и Бојан Спиркоски.

Одиграни се два пријателски меча, Брегалница – Победа (2:0) и Работнички – – Победа ( 0: 0).

Loading