НЕМА ЗБОГУМ ЗА КОРОНАТА

Татјана Мургоска – Станимировиќ –  специјалист епидемиолог

Бројот на новозаразени од КОВИД-19 во нашата држава е во пораст. Зголемувањето е особено е изразено последниве десетина дена. Од 4  до 10 јули регистрирани се 1.731 нови позитивни случаи од 31 град во државата. Расот е 79,9 отсто во однос на претходната недела. Регистрирани се заболени од сите возрасни групи. Најзастапена се лицата над 60 години (32,2 %), а најмалку до 9 години (3,8%).

Во истиот период во Прилеп се регистрирани 54 нови случаи на КОВИД-19, или 54,2 отсто повеќе од претходната недела. Овој тренд продолжува и оваа недела. За два дена регистрирани се 34 случаи. Засега нема причина за поголема загриженост, бидејќи мал е бројот на хоспитализирани лица, пациенти на респиратор и на починати во државава.

Зголемувањето на бројот на новозаразени во Европа и пошироко е поттикнато од ширењето на Омикрон варијантите БА4 и БА5, кои се позаразни од претходните видови. Но, овој раст се смета и за очекуван за летниот период, бидејќи се користат годишните одмори, патувањата се интензивираат, зачестено е  доаѓањето на нашите иселеници од странство. Тоа влијае на олеснување и на забрзување на циркулацијата на вирусот. Среќна околност е што Омикрон варијантите не предизвикуваат тешка клиничка слика. Омикрон соевите БА4 и БА5 се слични со останати соеви, па најчести симптоми кај заразените се главоболка, губење на осетот за мирис и вкус, болки во мускулите и зглобовите и замор. Не предизвикуваат воспаление на белите дробови. Ова се однесува на лицата со зачувано здравје и имунитет. Хроничните болни, без оглед на возраста, треба да бидат внимателни, бидејќи секогаш се изложени на ризик со потежок тек на болеста и компликации, заради основната болест.

Кога бројот на заразени расте, се актуелизира прашањето околу вакцинацијата. Препораките на стручните лица се сите оние кои не примиле трета доза да ја примат, а четврта доза неопходна им е на луѓето чиј имунитет е ослабен, на хроничните болни и на лицата над 60 годишна возраст. Четвртата доза штити од тешки облици на болест и од компликации. Четвртата доза не може да биде решение за нови варијанти на вирусот, но може да ја ублажи тешката клиничка слика.

Според најавите од Министерството за здравство, за четврта доза, достапни ќе бидат вакцините на Фајзер и Модерна. Во моментов, пунктот во Прилеп располага само со вакцините  на Фајзер.

Коронавирусот покажа нешто што досега не е забележано во медицината и приреди бројни непријатни изненадувања. Затоа, не е исклучено, наесен, со почеток на учебната година, со враќање на работа во затворени колективи, да се појави нов сој, што би предизвикал нов бран во есенските месеци. Во исто време би нé предупредил за преземање на соодветни мерки.

Коронавирусот е тука и  пандемијата уште не е одјавена.

Loading