НАСМЕВКА ЗА СЕЛСКИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ

Пензионерски дарови во руралните средини                               

Селото Волково се наоѓа на околу 6 километри од Прилеп. Изгледа дека не е далеку, оти води асфалтен пат. Нема ниту продавница, а амбуланта ни на сон. Неколку ќуќи се волковчани. Лете “мрднува” селото, оти идат “градските” на родното огниште.

Таму живеат Љуба и Киро Јорданоски. Возрасни се. Љуба носи 82 години. Непара слуша. Киро е две години помлад. Пензионер, ама лежи в постела. Бил работник во градежна фирма.

Љуба вели дека младите се отселиле.

– Избегаа, ги напуштија куќите. Сами сме со својата старост, навасани со болести. Тешко – се жали Љуба, додека Киро подвикнува од малото собурче во другиот дел од дворот каде си поигруваат две мали и мирни кучиња.

Три активистки, пензионерки на Здружението на пензионери, им подарија торба со прехранбени производи и производи за лична хигиена на  изнемоштените и стари жители на Волково. Ова е дел од активноста на пензионерското здружение, наречена “Помош за руралните пензионери”.

Пензионерките посетија неколку села со изнемоштени пензионерски семејства со ниски примања.

Во селото Прилепец живеат само десетина осамени жители, напуштени од младите. Ванчо Мицески доби подароци од пензионерската асоцијација. Колегите, пензионери, разменија мислења со домаќинот за подобрување на секојдневниот и мачен живот кој го дели со брачната сопатничка Горица. Ќерките не живеат. Заминале во побогати краишта. Го напуштиле селото, кое мака-мачи без вода. Одвреме навреме се слушаат по телефон. Понекогаш ги посетуваат. Минуваат и некој викенд со родителите или доаѓаат за сведен. Им доаѓаат понекогаш 5-те внучиња и 4-те правнучиња да им се радуваат на веселата  детска  игра. Им недостасуваат, оти малку ги гледаат.

Во селото Ново Лагово, пензионерските активисти ги дочека 82 годишната Станка Митреска. Сама е иако има три ќерки. Заминале од селото. Колешките, пензионерки, и нејзе í предизвикаа насмевка на лицето со скромните подароци.

Помуабетија малку и со Костадинка Негриевска која ближи до деведесеттата година. Сама е.

Подароци доби пензионираниот работник на 79 години, Коста Димески. И тој ја дели судбината на многуте возрасни соселани, иако има челад, замината во потрага по подобра иднина.

А, 72 годишниот Димче Јосифоски, пензионер, нема ниту куче, ниту маче. Сам е на светот, само со соседите како него. Беше пријатно изненаден од посетата на активистките и подароците. Бликаше од ќеф и задоволство, што, ете, некој му згазнал во куќата. А подароците му се добредојдени да го промени секојдневието.

Пензионерките, активисти, ќе посетат и други рурални средини во Кривогаштани и Долнени каде живеат членови на пензионерското здружение.

Loading