ВРЕДНИ СЕ ГОЛОВИТЕ, УШТЕ ПОВРЕДНИ ПОБЕДИТЕ

Фудбал: Атхе Мазари, стружанец во Победа

Дојде зимоска, пред пет месеци, и веднаш успеа. Откако го зазеде своето место во тимот на Победа на првиот пријателски меч, одигра до крајот на првенството од Втората лига. Меѓу заслужните е за пласманот во Првата лига. Тоа е 21-годишниот стружанец Атхе Мазари.

– Некако наеднаш се случи. Победа е голем клуб и не мислев многу за да í пристапам. Мило ми е што сум дел од неа. Наидов на топол прием од играчите, тренерите, управата и публиката – задоволен е Мазари.

Вели дека малку знаел за Прилеп, а откако го запознал, многу му се допаѓа. Градскиот стадион е место за уживање и на сите што гледаат и на тие што играат. А кога се дава гол, ерупција од одушевување, долготрајна радост.

– Многу публика и големо е задоволството кога се дава гол. Почувствував. Дадов осум гола. Настојував за повеќе, но добро е. Вредни се головите, ама уште повредни победите на екипата. Со победите влеговме во Првата лига, успех што Прилеп го заслужува – смета напаѓачот.

Највисокиот ранг е нов предизвик. Таму ривали се Шкупи, Македонија ЃП, Работнички, Скопје (Скопје), Шкендија, Ренова (Тетово), Академија Пандев (Струмица), Брегалница (Штип), Тиквеш (Кавадарци), Силекс (Кратово) и Струга. Каде е местото на Победа во оваа конкуренција?

– Првата лига е подруг ранг во споредба со Втората. Противниците се силни, но и ние сме добар тим. Добро ќе се подготвиме со новиот тренер Бобан Бабунски. Имаме услови. Се бара опстанок, но можеме и погоре на табелата – оптимист е Мазари.

Тој како дете и кадет бил во Караорман, Шкендија и Пелистер, потоа во Шкендија, Струга и Охрид.

Тестови со нови играчи

Победа со прволигашот Брегалница во Штип го имаше првиот тест, завршен со 2:0 за домашните. Прилепскиот тим се претстави во солидно издание. Следната проверка е на 13 јули со Работнички. Натаму се дуелите со Струга и на турнирот во Кавадарци.

Од играчките, заминати се Благој Истатов, Оливер Христов, Дарко Анѓелески, Борче Сркески, Даниел Карчески. Пристапија во Победа Нигериецот Удома Чуквума од Пелистер, Ѓорѓи Јованоски од Слога, Игор Паноски од Воска, Методија Делов од Тиквеш, Љавдрим Фазлиу од Македонија ЃП, Наумче Бакрачески од штипска Брегалница.

Преодниот рок е до крајот на август.

Loading