ТРПЕЛЕ ЗА ЛЕБ, А СЕГА СРКААТ МЕД

Петра и Богдан Тодороски

-Одгледуваат 1600 сандаци со пчели од кои вадат над 10 тони годишно

-Извезуваат мед и во Катар

На Петра (79) и Богдан Тодороски (78) животот им е “мед и млеко”. Сладок и убав. Затоа што нивната фирма Зоралек, која е кратенка од имињата на внуците Зоран (28) и Александар (24), произведува десетина тони годишно мед, кој дури го извезуваат и во Катар.

Со многу труд, упорност, животот од пеколни денови во кои трпеле за леб, а немале ниту покрив над главата, им станал комфорен и убав. Спечалиле и подигнале сопствен бизнис.

Откако љубовта ги “опила”, двајцата, во 1967 година, го напуштиле селото Вепрчани во Мариово и отишле по подобар живот во Прилеп. Се обидувале да се задомаќинат. Не можеле да се снајдат и заминале за Градско во 1968 г. Одма Богдан се вработил во градежна фирма, а Петра во Лозар и успеале за брзо да изградат куќа. Во 1978 година ги купиле првите 20 пчелни семејства од Колешино, струмичко.

– Идејата потекна од ангажманот на брат ми Насте (90) кој работеше во пчеларската задруга во Мариово. И тој имаше пчели за него. И мене ме фати мерак за пчели. Како што минуваше времето ги зголемувавме пчелните семејства. До пензионирањето, станаа 150 сандаци во 1994 година. ПОсле бевме послободни и поинтензивно се навртивме на пчелерството. Пораснаа внуците и регистриравме фирма на која управител е ќерката Нада (58) и таму работат сите – објаснува Богдан Тодороски.

Изградиле објект пред повеќе од 15 години, 2008/9 во Градско со сите автоматски машини, со лента за пакување на мед.

– Сега имаме над 1600 сандаци на неколку локации. Повеќето во  Вепрчани, Беловодица, Фариш. Колку мед ќе се добие од пчелите зависи од годината. Во лоша година, вадиме 10 кг. по семејство, а ако е медоносна од 18 – 20 кг по од сандак. Во 2002 во Мариово извадив 22 килограми по друштво. Сиот мед се носи со рамки во погонот и се обработува. Годишно произведуваме 7-10 тони наш мед. Тоа количество е малку да работиме цела година. Затоа откупуваме мед. Побараувачката е поголема од понудата. Во Македонија го пласираме во веледрогерија, во одредени маркети и имаме многу порачки по интернет и телефон. Лани извезовме 1 000 кг во Катар. Има шанси за зголемување на извозот, но производството е мало. Не го задоволува дури ниту нашиот пазар. Нема доволно мед, иако се бара. Тие од Катар порачуваат, но мед нема – објаснува Тодороски.

Пчелите бараат грижа. Нема сезона во пчеларствотот. Во зима се подготвува инвентарот. Порано правеле сами рамки, сандаци. Сега целиот инвентар го купуваат од Србија. Внукот Александар е задолжен за тоа, бидејќи има завршено економски науки – менаџмент.

Има и опасности во пчеларството. Има обврски, пчелите не може да опстанат, ако нема човек покрај нив. Кога почнува пролетта треба да се чистат сандаците. Сé работат сами. 

Локацијата ја избрале бидејќи им е родно место, еколошки чист предел, без пестициди имедот да биде чист, органски.

– Имаме проблемот со мечките. Лани 70 сандаци ни уништија во Вепрчани и Беловодица. Прво турна 20, па 18 сандаци. Ја тужиме државата, нешто платија, но парите доаѓаат на рати. Доаѓа комисија, судии, како е туркано… Пред 4-5 години од Фариш ни украдоа 20 сандаци. Сме чувале стража и во темнина, во колиба. Зимно време, правиме проценка и оставаме доволно храна пчелите да презимат. Во март, април, ставаме шеќерен сируп да се освежат, а во ладното и шеќерни погачи сигурно да поминат – објаснува Тодороски.

Не ги ројат природно, туку имаат специјални оплодувачи. Едно друштво ќе го озбематичат и тоа само ќе си изгради матичњак на 5- 6 рамки, после ги двојат во оплодњаците, има по 3 рамки, со мед, со полен и со матичњак.

Во Вепрчани, на 50 км од Прилеп, не им е здодевно иакос е соамени, единствена куќа во распаднатото село со камени ѕидови и покриви. Носталгијата ја задоволиле и желбата да се вратат на родната грутка им се исполнила.

– Со медот и зграда направиме и деца изучивме. Ги научивме да работат околу пчелите. Вредни се и работливи. Ги поминавме сите препреки во животот – вели Петра.

Благодарни се за секој денар. Сонуваат внуците да се оженат. Трпеле за леб,  а сега сркаат мед.

Вреди бизнисот

– Субвенции дава државата. Регистрирани сме за органски мед. Наместо 650 добиваме по 900 денари на семејство годишно. Субвенции има за млад земјоделец, документите им ги подготвуваме за аплицирање, има финансиска поддршка за ројаци, за инвентар и друго за земјоделци до 29 години. Се сменија годините, многу нема приход, но може да се опстане. Се покачи цената. Порано медот беше бадијала. Од објектот сега медот може да се купи за 650 денари тегла. Палетата содржи неколку видови мед, ливадски, од медлика, багрем… Го мешаме со семиња, со лешник, бадем… Произведуваме и други пчелини производи како перга, прополис и др. Иднината е во медот и поздравиот начин на исхрана, за имунитетот, оти медот дава здравје.

Цветоносни полиња

Сто декари земја под концесија сеат со фацелија. Тоа е растение со розеви цветови. Вирее и втората година. Природно се расејува. После две години се ора и се фрла ново семе. Мариовскиот предел е исклучителен за мед. Вистинскиот мед се проверува со апаратче, дали има гликоза. Не е можно да се направи разлика меѓу природен и мешан мед со вештачки додатоци. Треба само доверба од тој што се купува. Повеќе се бара планинскиот мед, во него има и медлика.

Loading