ВО ДУШАТА МУ СВЕТЕШЕ КАНДИЛЦЕ

Јован Велески за ликот и делото на прилепчанецот Слободан Михајлоски Данче

Во рамките на одбележувањето на Меѓународната архивска недела, во Одделението во Прилеп на Државниот архив, беше отворена изложба за ликот и делото на нашиот познат уметник и педагог Слободан Михајлоски – Данче. Изложбата на цртежи и документи е забележана и во каталогот на настани на Меѓународниот архивски совет во Париз.

Презентирањето на делата беше инспирација и за психологот Јован Велески да се осврне кон ликот кој многумина прилепчани го заборавиле или воопшто не го познаваат, а вредел. Бил сликар на библискиот прилепски пејсаж, ликовен педагог, сензибилен музичар на прим, страстен риболовец, одгледувач на канаринци и почитувач на доброто во човекот.

Еве што напиша Велески за Данче како што милува да го нарече:

“Светла летна ноќ, прилепски градски пејсаж од 1966, игла и восок, автор Слободан Михајлоски Данче. Денеска во историскиот архив во Прилеп, во 12 часот 9 јуни, пред бројни гости, негови пријатели и роднини беше отворена изложба на документи, каталози и лични фотографии од познатиот прилепски сликар и ликовен педагог Слободан Михајлоски – Данче. Изложбата беше во склоп на Светскиот ден на Архивите. Во ликот на Данче, прилепскиот архив ја избра најсензибилната питома личност, која може да го претстави благородниот прилепски дух. Данче беше сликар, ликовен педагог, сензибилен музичар на прим, страствен риболовец, одгледувач на канаринци и почитувач на доброто во човекот. Беше сликар на библискиот прилепски пејсаж, харизматичниот портрет и полемичната апстракција. Направи голем број на изложби, од кои на последната ретроспективна изложба имаше толку голем број на посетители, како да се работеше за фудбалско дерби. Беше скромен, добар, хуман, бескрајно толерантен. Беше уметник за склопување на искрени пријателства, затоа што во душата му светеше кандилце. Иако, го нема од овој свет 20-тина години, неговата ѕвезда горе на небото уште го осветлува прилепскиот пејсаж, како што успеал да го наслика на оваа мала, но содржајна графика”.

МАЈСТОР НА ПРИЛЕПСКИОТ ПЕЈСАЖ

Слободан Михајлоски – Данче е роден 1931 година во Прилеп. Завршил училиште за применета уметност во Скопје. Добитник е на повеќе награди и признанија. Починал во 2001 година.

“Слободан Михајлоски беше сликар на библискиот пејсаж. Каменот, воздухот и земјата. Она што беше авангардно во него е полемичната апстракција во пејсажот. Синиот колорит на неговите слики е израз на неговата смиреност, жолтиот со окер нијанси – неговата блага стимулација, црвено – портокаловиот е енергетскиот набој, а сивата боја ја гради композицијата.

Неговата уметничка зрелост беше во неверојатната харизма и способноста на толеранција, за нас обичните луѓе несфатлива, за него беше неподнослива леснотија.

Михајлоски беше сликар кој исклучително го негуваше прилепскиот пејсаж. Малкумина автори можат да го раскажат тоа кога почнал светот и како требало да изгледа. Михајлоски цел свој сликарски опус го посвети на тоа. Во полемизирање на бои за конфликтот меѓу мигот и вечноста.

Авангардата на Михајлоски е генерализирана и се однесува на индикаторите на прилепското поднебје. Слободан направил групен портрет на сите нив за да може да покаже дека пејсажот на прилепскиот простор се ослободува од времето што се таложи” – забележува Велески.

Loading