СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ОКЈАР

Иницијатива (8)

Објавуваме написи за животот и делото на една многу интересна личност од историјата на Турција – Али Фети Окјар. Тој е роден во Прилеп и бил политичар, војник, дипломат и публицист.

Неговиот бурен живот предизвика неколку интелектуалци и бизнисмени од Прилеп да покренат иницијатива за одбележување на високите политички дострели на прилепчанецот на политичката сцена во Турција во почетокот на минатиот век кој во политичката кариера стигнал до позицијата премиер на младата турска демократска држава и прв соработник на основоположникот на современата демократска Турција, Кемал Ататурк.

Може да се констатира дека покрај мошне краткиот живот (само 99 дена) на Слободната републиканска опартија, таа оставила длабоки траги во политичкиот живот на Турција. Партијата на власт (Народната Републиканска Партија), свесна за направените грешки за начинот на водење на земјата, и посебно на вештачките пречки и проблеми правени на новоформираната опозициона партија, во претстојниот период почнала да ги спроведува дел од програмските определби на Слободната републиканска партија.

Доколку се трага по причините за краткиот век на првата опозициона партија, би можело да се укаже и на неподготвеноста на турското општество за повеќепартиски живот. Ова била главната причина за неуспешниот обид на претседателот Ататурк за преминување во следната фаза од воведувањето на парламентарниот живот, која само пред неколку години се збогувала од деспотскиот систем.

Во 1913 година, во редовите на Тајната организација на младотурците Единство и напредок, постоело неединство и раздор. Највлијателните личности, Талат Паша, Енвер Паша, Џемал Паша и неколку други, за да ги отстранат од организација, успеале да издејствуваат кај султанскиот двор, испраќање на Окјар и Ататурк во Софија (првиот како амбасадор, а вториот како воен аташе), а Рахми Арслан го назначиле за валија на Измир.

Дипломатската служба на Окјар траела околу 13 години со прекини во различни периоди. Првинбил амбасадор во Софија (во 1913 година), во Париз (во 1925 година) и во Лондон (1934 година). На 30 декември 1909 година Окјар заминал за Париз како воено аташе. Ова претставувало прва мисија во странство. Неколку месеци по пристигнувањето во Париз, во редовите на османлиската армија, одделни офицери алчни за мешање во политичките работи на империјата, подготвувале побуна против султанскиот двор и султанот Абдулхамит Втори, кој на чело на Империјата бил цели 33 години. Побуна е позната како случувањата од 31 март 1909 година. По неколку недели била загушена од армијата. И покрај тоа, загушувачите на побуната во договор со претставници на Парламентот, решиле да го симнат од власт султанот Абдулхамит Втори. Турнатиот султан (ноќта меѓу 27/28 април 1909 година) бил интерниран и згрижен во Солун заедно со неговите најблиски. За безбедноста се грижел специјален одред, кој околу 3,5 месеци бил командуван од Окјар.

Сите овие и други случувања во армијата и во султанскиот двор се случувале неколку месеци пред именувањето на Окјар за воен аташе во Париз. Во средината на август 1909 година, од Окјар било барано да се врати во Истанбул. При разделбата, Окјар му укажал на турнатиот султан Абдулхамит Втори на потребата од немешање на армијата во политичките работи на земјата.

По враќањето во Истанбул, Окјар, имал средба со командантот на копнените сили Махмут Шефкет Паша, кој на Окјар му предложил да замине во Париз како воен аташе. Тоа било прифатено со задоволство.

Додека Окјар бил во Париз, Италија, заедно со неколку други европски држави, наголемо се залагале за ослабување на османската власт на Балканот. Почнале воени активности за освојување на Либија, која била под османска власт. Окјар, со помош и знаење на одделни француски влијателни личности, со брод заминува за Триполи. Се приклучил во одбраната од италијанските напади. По неколкумесечно учество во борбите околу Триполи, се враќа во Париз да ја продолжи мисијата како воен аташе, каде останал до 1911 година.

Loading