ПЕЕЊЕТО МИ ГО ПРОДОЛЖУВА ЖИВОТОТ

Киро Арапчески (84) – бас меѓу пензионерките гласови

Живот значи дружењето, а со тоа и пеењето за 84 – годишниот пензионер Киро Арапчески, член на Здружението на пензионерите. Особено членството со релаксирачко пеење во КУД Пензионер.

-Некако двете ми одат заедно. Во културно – уметничкото друштво сум одамна. Важен е мојот глас, моето пеење подолго од 20 години. Така оценува диригентот Василе Најдоски. Бас сум. Со мојот длабок и порапав глас, помагам на повисоките женски и машки гласови од групата пејачки и пејачи. Нема разногласие, туку хармонија меѓу гласовите кои ги галат ушите. И тој кој слуша и надвор од салата, од сцената или подалеку, да речи – “Ашколсун, овие пејачи се мерак за сетилото за слух, независно дали се мажи, жени или  мешана пејачка група” – вели секогаш расположениот Арапчески.

Пред пензионирањето работел 44 години во Еуроинвест – 11 Октомври на повеќе позиции, најмногу во лакирницата на големата фабрика за тоа време. Покрај пеењето, се дружи со многу пензионери и членовите на други пејачки групи од другите здруженија во Македонија.

-Имам многу пријатели, пејачи, колеги. Се дружиме на регионалните културно-уметнички и музички средби. Ние, како КУД, сме најдобри во повеќе наврати и на повеќе години. Учествуваме речиси секоја година на музичките манифестации на пензионерите. Учествуваме со КУД Пензионер и со нашиот оркестар, со нашата пејачка група и со пензионерки. Вежбаме секоја недела во одреден ден, освен додека беа пандемиските месеци. Со пеењето сум учествувал на музички манифестации. Бевме на фестивалот Трето доба во Љубљана, Словенија. Единствени од Македонија. Секоја година учествуваме на Илинденски денови во Битола. Носиме незаборавни спомени од дружењето со колегите од КУД од соседна Србија каде пеевме со други пејачки групи во Врњачка бања. Нема град во Македонија каде не сме настапувале со други, како нас, пензионерски КУД или пејачки друштва – вели Арапчески.

Прилепското пензионерско културно уметничко друштво е комплетно. Затоа е атрактивно насекаде и за сите генерации. Порачува да пеат сите, оти тоа го продолжува животот, се редат незаборавни спомени со песни, веселби и дружења.

– Расположбата со песна зрачи ведрина и живот, без разлика на годините. Пеам кога и да се најдам со колеги кои умеат да пеат. “Дотурам” масло, ја подгревам атмосферата со пеење. Тоа е најмалку година-две плус живот – кажува басистот на пејачката група на КУД Пензионер при ЗП Прилеп, каде е најстар член.

Loading