ПОЧНА ПРЕОДНИОТ РОК, МОЖНИ СЕ НОВОСТИ

Фудбал – Победа

Средата беше ден за старт на преодниот рок за фудбалерите. Тие имаат можност до почетокот на следното првенство да решат дали остануваат во досегашниот клуб или ќе бараат нов.

Во прволигашот Победа и натаму е тивко. Потивко никогаш не било. Сосема спротивно беше, кога екипата се бореше за трофеи, за излез на европската сцена. Информации, шпекулации, сé и сешто секој ден за тоа кој заминува, кој останува и кои се потенцијалните засилувања. Сега сé е во долго исчекување. Нема новини откако заврши второлигашкото првенство со освоеното прво место и изборениот прволигашки статус. Нема одлука дали останува за тренер битолчанецот Димитар Капинковски или некој ќе го наследи. Клубот нема одлука, а Капинковски нема став. Се споменуваше Црногорецот Сљавољуб Бубања, но сега се знае дека тој не е опција.

Јасно е дека Дарко Анѓелески замина во прволигашот Силекс. Досега нема друг што ја напушта Победа. Ако продолжи неизвесноста, сé е можно. Досегашните првотимци очекувале средба со клубот. Тешка ситуација. Прво се прават обиди да се обезбеди пристоен буџет, а потоа е планот со тренерите и играчите. Во исчекување е и Нигериецот Удома Чуквума од второлигашот Пелистер. Тој е феномен! Неколку недели тренирал на Могила и трпеливо чекал да í пристапи на Победа.

Веројатно преодниот рок ќе донесе новости, а за фудбалски возбудувања извесно дека нема да се чека долго, поради тоа што во Прилеп е можно да се игра еден од бараж-мечевите за Втора лига.

Loading