“КРУГ” НА СЦЕНАТА НА ТЕАТАРОТ

“Круг” по текст од Едвард Олби, во режија на Јован Ристовски е новата претстава која ја подготвува ансамблот на театарот. Премиерата се очекува следниот месец.

Текстот ќе биде праизведен во Македонија. Драматурот Лидија Митоска Ѓорѓиевска го направи преводот и работи на драматизацијата.

-Драматурзите често го споредуваат текстот со култниот “Кој се плаши од Вирџинија Вулф” на Олби, заради главните ликови, кои потсетуваат на ликовите од “Кој се плаши од Вирџинија Вулф” –  вели режисерот Ристовски.

Претставата е приказна за една врска, за брак кој се распаѓа.

– Причините не се заради несогласувања. Едниот лик, Џо умира од рак, а нејзиниот партнер Сем не знае како да се соочи со смртта. Го губи тлото, самодовербата и не ја прифаќа вистината. Ова е интегрална приказна која говори како се распаѓа едно друштво, еден општествен систем, за распадот на еден театар, на било каков тип на заедница. Мотивите се да се прикажат нашите проблеми во театарот, бидејќи во театарот во Македонија  последниве  години скита, не знаеме во кој правец се движиме, што е театар, каде е дисциплината во работата, професионалноста! Како театарџии треба да се прашаме до каде сме, што сакаме, што правиме? Претставата е за проблемите кои ги тргаме настрана. Напротив, треба јасно да проговориме за нас. Треба сами да се преиспитаме за да откриеме каде грешиме и да станеме подобри. За разлика од многуте ракурси што се отвораат во театарската уметност, со оваа приказна сакам да раскажам за нас. Атрактивноста  на текстот дозволува да има девет лика, односно двојки. Останатата двојка во вториот чин ја претставуваат смртта. Ова е трагикомедија. Првиот чин е реализам и натурализам, а вториот е надреализам, кој станува пародија, кој нé носи во свет што може да ни ја даде театарската магија. Игра и Александар како олицетворение на театарот, и ќе биде шут кој ќе ја поддржува вистината. Претставата говори како да се освестиме, некои нешта да се прекинат и да се даде решение, одлука, како треба да има крај и дека крајот не е трагичен. “Круг” е заради тоа што генерално се вртиме во круг, никако да испливаме на површина и да се избориме за саканото. Претставата ќе има класична музика и електронски звуци, а театарот ќе биде сценографија, додека костимите се на Андреј Георгиевски – вели режисерот Ристовски.

Loading