ДВЕ НОВИ КНИГИ ОД ВЕСНА ШЕРЕМЕТКОСКА

“Виорите на животот” и “Изворот солзен” се двете нови книги од нашата поетеса Весна Шереметкоска.  Првата е збирка раскази, а втората поезија.    -Расказите се мали жарчиња, кои со својот пламен догоруваат во врелата пепел и секој за себе длабоко во сржта, ја носат пораката што секој посебно на свој начин ја разгорува при првиот допир со “кислородот” во животот што секој ден жедно го бараме – вели професорката Цеца Видова Трајческа.

Шереметкоска остава простор читателот да го визуелизира ликот преку деталните внатрешни и надворешни описи.

-Поставеноста на ликот и авторовиот талент се во еден процентуален невидлив сооднос. Некои од нив ги кажува нараторот или некои други ликови или самиот лик – вели Трајческа.

Во збирката поезија објавени се  62 песни, во кои според Снежана Паноска, љубовта извира од секој збор, се бранува како немирно море, отчукува со секој удар на градскиот саат.

Весна Шереметкоска е член на Клубот на литературни творци – Прилеп. Автор е на роман, на стихозбирка и збирката за деца. Застапена е во бројни антологии. Добитник е на повеќе награди за поезија и проза.

СИГУРНА

Чекорам нечујно во ведрата ноќ

фатена во светлината на газиените ламби,

под ѕвездите сама со сенките,

крај длабоко море со бескрајни тајни.

Насетувам блажен допир од нечии раце

кој ме стега, сé пострасно и појако

ме влече крај себе во сопствените маки,

ме довикува во живот, со глас кој плаче.

И стана тивко, исто како пред тоа,

Настана молк, што се провлекува во мислите свежи.

И сега, како со оган некој ме грее,

нечие лице и поглед кој бездушно режи,

а јас пак, со целото срце

како морски шум пред зората мирна

со насмевка врела и сигурна во љубовта своја,

нежно го прошепотив името твое.

В.Ш.

Loading