3800 КИЛОМЕТРИ НА ВЕЛОСИПЕД ОД ШПАНИЈА ПРЕКУ МОНАКО, ПИЗА, СПЛИТ АТИНА ДО ПРИЛЕП

Прилепскиот стоматолог Александар Маркоски (30) низ Медитеранот

По пет години на стоматолошкиот стол со инструментите и пациентите во Хамбург, 30 годишниот прилепски дентист Александар Маркоски од април до јуни се предаде на велосипедот и го “прегази” Медитеранот на две тркала, минувајќи над 3800 километри за 75 дена. Неговата голема љубов да се дружи со “миленикот” го предизвика на авантура, возбуда и задоволства на слободата. Не го издаде “миленикот” на долгиот пат од границата на Шпанија со Португалија, ден за ден, восхитувајќи се на убавините на европскиот средоземноморски брег. Бувнало природното човечко чувство за љубопитност и два ипол месеци возел сам и со друштво по друмови и локални патчиња низ села и градови, низ ридишта и надолнини, по рамнини и и превои со морска панорама, низ дожд, ветер, да стигне до метрополата на Грција, Атина, каде одморал две недели и преку Солун, Воден и Лерин да се врати дома во Прилеп.

-Имав неколку варијанти за велосипедски рути. Едната беше Јапонија, па Нов Зеланд. Отпаднаа поради затворањето од короната. Третата беше Мексико, но таа беше опасна. Решив да го “откривам” низ велосипедска оптика медитеранскиот брег. Од Хамбург, каде работам како стоматолог зедов одмор и велосипедот го ставив во авион до градот Кадиз на југозападот на Шпанија. Без многу подготовка првите денови беа напорни, но истрајноста и желбата за запознавање на дел од светот гореше во мене и не ми дозволуваше да се предадам ниту кога ми затаи велосипедот, ниту при двократните настинки. Ми се допаѓа алтернативниот одмор, што е тренд во Европа. Затоа што просторот се гледа на поинаков начин. Сретнав една брачна двојка од Холандија на 70 години која уживаше на велосипедската тура со седумдесетина километри дневно. Инаку, цела година, и млади и стари, возат велосипеди до работа и назад на добрата вело инфраструктура, поради густиот сообраќај – кажува Маркоски.

Задоволство му било што минувал по околу сто километри дневно со можност за едновремен контакт со природата, со времето, со други велосипедисти, откривајќи други култури кај локалното население.

-Се создава посебно искуство, емпирија, при средбите со луѓе на патот  со ралични култури и проблемите. Се запознаваат не само убавите страни на заедницата. Така возев од Шпанија, Франција, Гибралтар, Мурсија, Валенсија, Барцелона, Марсеј, Ница, Кан, Монако, па Италија до Џенова, Пиза, ги минав Апенините, и после се качив на фери до Сплит. По Хрватска, Црна Гора, па Албанија, Јанина – Грција, Левкада, Кефалонија, Патрас, Делфи до Атина. Во главниот град на Грција останав на одмор две недели. Се вратив до Солун, Воден, Лерин до Прилеп. За два ипол месеци минав 3800 километри на две тркала. Неколкупати ме следеше лошо време, не се вози по дожд, дури и настинав двапати. Има и ризици, но задоволен сум. Не се откажав, издржав, покрај првичните напори – вели “запалениот” велосипедист Маркоски.

Природата е прекрасна на свој начин, сообраќајната култура е висока, особено во Шпанија каде возачите се внимателни, додека се чувствува разлика меѓу Западот и Исток на Европа. Грција, како туристичка земја, не е уредена. Се разочарал од нехигиената, ѓубрето на патот.

– Негувам симпатии кон јужначкиот менталитет. Имав пријатно чувство во Тоскана, лозјата, вината… Италија… Прекрасно во споредба со Германија. Запознав велосипедисти. Возевме зедно. Со Германец возевме две недели. Младите Французи масовно го користат велосипедот. Им лежи активен одмор. Свој шмект има кампувањето во дивина, слободата, изборот на места. Престојував во кампинзи, хостели да се исперат алиштата, за туширања. Кога се потстопли бев и на плажа. Патувањето е живот без план за ноќевање. Дневно ја одредував дестинација со отсуство на страв од непознатото, опасностите и непријатностите. Немав ризични моменти, освен мали проблеми со некултурни возачи на локалните патишта на Балканот каде има ниско ниво на вело свест – го пренесува Маркоски дел од патешествието.

Со максимата “Никогаш не се откажувај”, минувал угорнини од 1000 метри, иако не било “лесно” со товар од 60 килограми на себе да се набљудува морето одозгора.

-Се радував на секој рид, оти доаѓа надолнина, уживање. Се возев и со автобус, со фери, со воз, каде чувствував опасност. Тоа е ограничување, нема можност да се застане каде се сака, а велосипедот нуди непроценлива слобода. Додека возев пренесував фотографии на инстаграм од секој дел од рутата. Луѓето кои ме следеа како да ми беа сопатници, ме поддржуваа со позитивни коментари, ме храбреа, ми завидуваа – кажува Маркоски.

За него, возењето не е мачење, туку задоволство, здравје, заштита на животната средина, штедење, брзина… Им порачува на младите да возат велосипед, каков и да е. Во Прилеп забележал дека возат само возрасни. Ги поттикнува групите на велосипедисти на поголема афирмација во надеж дека властите ќе изградат вело-патеки.

Откако ќе се врати на пациентите во Хамбург, ќе ја планира новата авантура, новата тура со друштво, зашто му било здодевно сам на патот. Најавува дека би бил задоволен со 4000 километри за Скандинавија, за најсеверната точка на Европа, во Норвешка. Но можеби ќе вози покусо.

До амбулантата на две тркала

-На работа во Германија, до амбулантата, возам велосипед по по пет-шест километри со враќање. Ова превозно средство е предност за голем град, поради густината на сообраќајот. Многу се користи велосипедот, и при лошо време, со добра опрема. И во зима возам, ако нема висок снег – вели Маркоски.

Дефект 

-Ми откажа двапати велосипедот, поради пукната гума, Но, се реши брзо. Загинав шраф за педалата и возев дефект 400 километри на велосипедот кој е комбинација од друмски и патнички – кажува Маркоски.

Loading