НАИЗГЛЕД МИРНО ЛЕТО ЗА ПОБЕДА

Фудбал

Речиси цел месец мина од претходното првенство, а оттогаш нема официјални новини за прволигашот Победа. Дали на изглед доаќа мирно лето за клубо?

Во отсуство на службени, се вртат неофицијални информации. Се зборува дека нов тренер е Црногорецот Славољуб Бубања. Тој еднаш беше на таа позиција, во 2017/18. Зошто Бубања, а не досегашниот, битолчанецот Димитар Капинковски? Некои велат дека пресудна била лиценцата – Капинковски имал лиценца “А”, а Бубања за степен повисока “Про”, потребна за прволигашкото ниво. За играчкиот кадар, првин се спомнува засилувањето на Нигериецот Удома Чуквума од Пелистер,а прв заминат е Дарко Анѓелески во новиот прволигаш Силекс. Има очекувања за враќање на прилепски фудбалери, докажано во други клубови. Се работи на задржување на најдобрите кои го донесоа прволигашкиот статус. Прашањето е дали остануваат Дарко Тофилоски, Даниел Карчески, Бојан Спиркоски, Атхе Мазари, Јорданчо Наумоски, Марио Наумоски, Оливер Христов и другите првотимци? Одговори се чекаат пред стартот на подготовките. Постои интересза местото, претседател на клубот. Празно е осум месеци, по оставката на Емил Јанески. Засега најголемиот товар на клубот го носи спортскиот директор Благоја Гешоски.

Одмор е, тивко е на Градскиот стадион, каде два – тројца се грижат за просториите и за санирање на тревата, на која по 10 години ќе се игра прволигашки фудбал.

Пари од УЕФА

Победа е младински шампион на Македонија и клубот може да очекува финансиска награда од УЕФА. Не е огромна сума, но е значајна за клубот, оти е поддршка за надежите. Екипата со нетрпение ја чека ждрепката за Јуниорската лига на шампионите. Најверојатно ќе биде кон крајот на август.

Loading