СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ОКЈАР

Иницијатива (2)

Објавуваме написи за животот и делото на една многу интересна личност од историјата на Турција – Али Фети Окјар. Тој е роден во Прилеп и бил политичар, војник, дипломат и публицист.

Неговиот бурен живот предизвика неколку интелектуалци и бизнисмени од Прилеп да покренат иницијатива за одбелжување на високите политички дострели на овој роден прилепчанец на политичката сцена во Турција во почетокот на минатиот век кој во политичката кариера стигнал до позицијата премиер на младата турска демократска држава и прв соработник на основоположникот на современата демократска Турција, Кемал Ататурк. Интелектуалците од Прилеп, се носат со идеја за покревање на законита постапка преку институциите достојно да се одбележи значајната фигура во политиката на Турција од минатиот век. И локалната самоуправа е запознаена со иницијативата, во чии контури стои покревање на процес за изградба на спомен музеј или спомен куќа во Прилеп во соработка со турските власти и амбасадата на Турција во Македонија.

Познанството и пријателството на Али Фети Окјар со Мустафа Кемал Ататурк било за време на школувањето на двајцата во Аскери Идадиси (меѓу 1894 и 1897 година), во Битола и продолжило низ годините на нивното образование во Битола и Истанбул. Траело цел живот, до смртта на Мустафа Кемал Ататурк на 10 ноември 1938 година. И по школувањето, двајцата имале исти погледи за судбонските прашања на Османлиската империја. За време на школувањето во Битола и Истанбул, покрај задолжителната литература, тие потајно читале и забранети дела, меѓу кои, француските просветители Волтер, Монтеские, Русо и др. И во тајната организација на Младотурците, Единство и напредок, припаѓале во иста група на личностите кои по одделни прашања имале различни погледи од водачите на оваа Организација. Окјар бил составувач на Декларацијата на Младотурската револуција, а извесен период бил генерален секретар на оваа Организацијата.

Меѓу 1908 и 1923 година, додека бил на многу одговорни функции, Окјар бил во постојана комуникација со Мустафа Кемал. Во 1910 годна, додека ја вршел мисијата на воен аташе во Париз,  извесен период заедно со него зел активно учество во битките против Италијанците во Триполи, Либија. Како резултат на меѓусебната доверба, Окјар во 1913 година, односно по Балканските војни (1912/13) и пред започнуваво на Првата светска војна (1914/18), заедно со Мустафа Кемал заминале во Софија. Тој како амбасадор, а Мустафа Кемал како воен аташе. По враќањето од прогонството во Малта, Окјар се вратил во Анкара и се вклучил во завршните воени операции за конечно ослободување на земјата од грчките и другите европски освојувачи. Во тие активности, во 1922 година, Окјар, во својство на специјален пратеник на Ататурк, неколку месеци бил во Париз, Рим и Лондон во тајна мисија со  задача за “купување време”, односно замајување на Французите, Италијанците и посебно Англичаните за нивно неколку месечно неучество во воените операции на страната на Грците. Со тоа на Ататурк му беше овозможено подготвување за завршните воени операции за ослободување на земјата од странските, посебно грчките освојувачи. Ова мисија ја извршил со голем успех и во најголема тајност.

По 5,5 годишната амбасадорска мисија во Париз, во 1930 година на Окјар претседателот Ататурк му доверил мошне одговорна и ризична задача – официјално формирање на прва опозициона политичка партија, со што во штотуку прокламираната Република Турција се воведуваше повеќепартиски систем. Овој неуспешен обид бил причина за извесно заладување на односите Окјар со претседателот Ататурк. Во 1934 година, на предлог на Мустафа Кемал Ататурк, Али Фети бил назначен за амбасадор на Република Турција во Лондон.

Разболувањето на Ататурк била причина за честите и долги отсуства на Окјар од Лондон, поради што му било забележано од премиерот Џелал Бајар, дури и од самиот Ататурк. Неколку месеци по смртта на Ататурк, Окјар се вратил во земјата, при што активно го продолжил политичкиот живот како пратеник и член на тогашната Влада.

Пријателството и мошне интензивната соработка меѓу двајцата Румелијци траела цели 44 години. Окјар бил еден од најдоверливите и најблиски пријатели и соработници на Ататурк, Затоа бил наречен “маж на големите денови” или “маж на тешките денови”. Презимето Окјар  што значи “умствен пријател”/ сомислител, му го доделил лично Кемал Ататурк во 1935 година, во согласност со новоусвоениот Закон за презимињата.

Loading