СЕ ВООДУШЕВУВА САМ НА СЕБЕ СИ

Никола Андоноски (37), аматерски сликар

Колку луѓе, толку приказни. Секој на свој начин има своја преокупација, инспирација. Хоби или пасија. Така и Никола Андоноски (37) кој е метач во Комуналец. Знае често, во слободното време, метлата да ја замени со бои и да твори. Како што вели, ја сака уметноста, и тоа онаа, уличната. Создава слики со спрејови. Се фали дека знае да изработува и портрети. Го инспирира непредвидливоста на разлевањето од боците под притисок. Тоа што е интересно.

– Од мал цртам. Ме исполнува оваа уметност. Цртам и со молив. Посебно сум навлечен на бојата. Ме интересира арт стритот, изразувањето на слободниот уметник и цртањето на ѕид, графитите. Кај нас, на нашиве простори не е толку застапена. Интересно е. Цртам и стари градби, манастири со молив. Правам и портрети – раскажува Никола Андоноски, аматерски сликар.

Сефтето го направил пред 5 години кога почнал да ја совладува техниката додека набљудувал како работат помлади од него.

-Пробав неколкупати и научив. Бара посебна хартија, посебни спрејови. Најважно е да излезе инспирација. Најчесто создавам пирамиди, месечини… Самиот на себе се воодушевувам и го споделувам на фејсбук и кога некој ќе ми лајкне се радувам – вели Андоноски.

Објаснува дека сликите ги продава на отворено, на плажа, за време на Пивофест. Признава дека нема голема заработка. Не работи толку за бизнис,  колку за ќеф, за мерак. За набавка на 11-12 бои давал околу 2 000 денари и од тоа можел да направи 20 слики кои ги продавал по 600 денари. Сите ги правел различни.

Тврди дека знае да црта успешно и со молив.

Никола Андоноски не е единствениот вработен во Комуналец кој има хоби. Јавното претпријатие небаре е расадник на личности кои покрај професионалниот ангажман, негуваат и некои афинитети кон уметноста и колекционерството.

Loading