СПОРТОТ, САМОДИСЦИПЛИНАТА И УПОРНОСТА НОСАТ БЕНЕФИТ

Успешната приказна на младиот прилепчанец Стефан Ветаџокоски

Дека бенефитот што го носи љубовта и бавењето со спорт уште од мали нозе поттикнува карактерно правилен развој и подоцна оформена, профилирана млада личност која успешно го гради својот животен пат низ образовната едукација и кариера е општо позната социолошка констатација. Младиот прилепчанец Стефан Ветаџокоски е еден од многуте примери дека оваа теза е потполно делотворна и точна.

– Со основното образование и поттикнат од љубовта кон малиот фудбал на мојот татко Пеце Ветаџокоски, кој во тоа време беше крајно посветен на овој спорт, придонесе кај мене, иако многу мал, целосно да се пренесе желбата кон спортот, натпреварите и победите, но и самодисциплината и оформувањето на карактер, особини без кои не може да се постигнат врвни достигнувања во која било сфера од животот. Подоцна како јуниор почнав со тренинзи под надзор на татко ми, кој беше еден од основоположниците на современиот мал фудбал и футсал (прв селектор на репрезентацијата на Македонија во мал фудбал, назначен од Управниот одбор на ФСМ, сега ФФМ).

За среќа, многу бргу дојде и неговиот ретко успешен проект ,,Јуниор куп,,, реализиран заедно со А1 телевизија, што придонесе за голема популаризација на малиот фудбал и футсалот во Македонија. Се промовираа многу млади таленти кои уште играат важна улога во македонскиот мал фудбал и футсал – вели Стефан Ветаџокоски.

Со спортската надградба, од младите играчи се барало да бидат и одлични ученици со карактер на победници, во што малкумина успеале.

– Покрај големата приврзаност, талент и желба за врвни дострели во спортот, по завршувањето на средното образование и зголемените обврски на Економскиот факултет во Прилеп, мојата одлука беше да му се посветам на високото образование, незапоставувајќи го спортот, но не со интензитет што го бара врвното натпреварување. Уште играв во футсал првенствот и на многу турнири во мал фудбал во Македонија од каде имам повеќе екипни одличја – вели тој.

Стефан Ветаџокоски редовно и со висок просек дипломира на Економскиот факултет. Наскоро ќе го брани и магистерскиот труд. У ште рекреативно е активен и на спортски план. Учествува и соработува во организирање на турнири во мал фудбал низ Македонија.

Во спортскиот и едукативниот ангажман добил повеќе стипендии, сертификати и други признанија, стипендија од Агенцијата за млади и спорт за спортска надеж, стипендија од Владата за постигнат висок просек при студирањето, стипендија за втор циклус на студии на АУЕ – ФОН…

Стефан е поранешен јуниорски, младински и сениорски футсал репрезентативец.

Најболно за државата е одливот на образовани млади

Во моментов работи во Таскфорце, фирма за консалтинг услуги, во секторот осигурување. Задоволен е од условите во фирмата, но, според него, единствен проблем е тоа што нема можност за брзо напредување во однос на позициите во компанијат.

– Без оглед на успешната спортска и, пред се, едукативно-образовна подлога,  како многу други врсници, млади луѓе, се соочуваме со проблеми да се етаблираме во општеството, на пазарот на трудот, пред се, поради ограничената можност за адекватно вработување во сооднос со стручното образование. Принудени сме да бараме алтернативи, од кои најболната за државата е одливот на образовани млади луѓе во странство. Негативниот ефектот од ваквата реалност допрва ќе се почувствува. Затоа, покрај желбата да останам овде, во нашата држава, како и надежта дека нешто ќе се промени, се повеќе размислувам и да побарам услови за пристојна работа соодветна на образованието некаде надвор. За жал!

Loading