“КОВЧЕЖЕ ОТВОРЕНО СО СТИХ” – ПРВЕНЕЦ ЗБИРКА ОД МАРИЈА СИМОНОСКА

“Најтешко е кога треба да почнеш и се прашуваш од каде и како. Па, најчесто се враќаш таму некаде, повторно на почетокот… Едноставно е нели? – Така барем си велиш, или пак некој глас, оној, другиот во тебе, ти вели: – Ајде, земи ја хартијата и почни, почни со првиот збор и така ред по ред. Еден ден може ќе те прочита некој. Можеби здодевноста ќе му ја разбиеш со некоја од тие твои думи, што постојано ти се вртат низ глава, што не ти даваат да заспиеш и ти се редат како бисер до бисер. Па, затоа, ајде почни од почеток и ти еднаш, сепак едноставно е нели”?

Ова го вели поетесата Марија Симоноска, чија првенец збирка поезија “Ковчеже отворено со стих” ќе биде промовирана в понеделник.

– За збирката главни виновници се моите родители вели Симоноска. Двајца кои ме создале, се причината за тоа што сега и понатаму и некаде ќе постојат овие песни за секој, чија душа има мерак да прочита некој стих. Не се само зборови, туку стихови од душата и срцето, напишани со силна верба дека ќе допрат до некого, надеж да внесат и секако порака да испратат. За жал, татко ми прерано ме напушти. Можеби од далеку ме гледа или ме слуша. Не знам. Но, знам: Ти живееш во мене тато! – забалежува Симоноска, потенцирајќи дека најсилното нешто што го движи светот е љубовта, таа магија што нé влече во различни бои и води.

За неа, љубовта низ стиховите и ја исполнува празнината.

-Таа ми ги буди сетилата, ме потсетува на среќните мигови, оние кога искрите во душа оган ти разгореле. Ова се искри од срцето како стрела фрлени, макар за прв пат – објаснува поетесата, која е член на Клубот на литературни творци – Прилеп.

Тодор Алексоски, потпретседателот на ДНУ, забалежува дека Симоноска симболично го отвора волшебното ковчеже, каде љубоморно ги чувала скриените тајни.

– Читајќи ги поетските везови на Симоноска, тврдам дека нејзиниот стих е богата повеќеслојна креација. Креацијата многу верно се одразува на сетилата, предизвикува длабоки и суптилни чувства за прерано загубениот татко… Првенецот е збирка во која од првата до последната песна се зборува за љубовта, безусловна, која несебично се дава, без која не вреди да се живее… Во современата поезија ретко поетот заземе позитивен став кон најстарата тема – љубовта, радоста и болката на човештвото – вели Алексоски.

ТИ ЖИВЕЕШ ВО МЕНЕ ТАТО

Го слушам твојот глас,

како да ме довикуваш сега, тато.

Го чувствувам твојот допир,

го чувствувам твојот здив,

сé уште те чувствувам тука тато!

Ете, тука,

тука во моето срце и душа.

Ниту небото,

ниту земјата,

никој и ништо,

не успеа да те избрише тато.

Сé уште те гледам пред мене,

со стамено тело и неуморен дух.

Сé уште, и уште повеќе

си присутен во мене.

Loading