МУЗИКАТА ГО ОСВЕЖУВА ДУХОТ

Блаже Томески – Биџо (52), дискофил

Неговата пасија е дискофилството, кое го почувствувал првпат како дете на 12-13 години кога имал супрафон со сингалки, кој го добил како подарок од повозрасни слушатели на музика. Блаже Томески – Биџо (52) не се мери со некои кои слушале музика во 60-тите години, но му нема рамен во знаење на музичките вредности. Пуштал музика во кафетерии, а сега продава и откупува стари плочи. Колекционер е со над 5 илјади музички единици.

Започнал на 14 – 15 години кога во гајба од леб, в пазар, продавал плочи за џепарлак кога биле ефтини плочите.

– Најголем ќеф ми е кога ќе најдам музички производ и да го купам. Почнав со слушање на панк, њу вејв, хард кор. Како што оди времето сум навлегувал да го откријам подлабоко музичкиот стил. Сега слушам џез и попрогресивна музика која сум ја “скокнал” од 15 – 35 години. Тогаш им правев ќеф на гостите. Сега најдувам време да го слушам она што сакам. Наутро слушам една-две плочи да ми се смири душата. Задолжителна музичка сеанса и фотографиите од плочата ги споделувам на Фејсбук – објаснува дискофил Томески.

Касетите, лонгплејките, синглките и ЦД-ињата ги чува во посебна соба, небаре продавница во која со љубителите, пријателите слуша музика. Ги разгледуваат, се дружат и сака на сите да им објасни за секоја група и песна, дури иако некој нема да купи.

– Недодамна позорасен прилепчанец ми даде куферче со плочи, спакувани. Ги чувал 50 години. Она што ме интересираше го задржав, а другото го трампав, продадов. Се сменети генерациите. Дојде помодарство.  Младите го слушаат она што го скокнале во младоста и го немале и сега сакаат да го имаат. Првата моја плоча, на 14 години, беше Секс Пистол. Ми ја донесоа од Лондон, со нарачка, со “триста” ургеренции во 8 саатот сабајле за околу 15 фунти, или 20-30 евра. Сега просекот на нова плоча е од 30 до 40 евра. Има критериуми за продажби на старите плочи. Важна е и обвивката, да не биде крива, да не скока, да нема рецки, прашина. Во Македонија има доста дискофили со над 20 илјади плочи. Моето не е бизнис, моето е хоби, плочите кои ги купувам за себе. Не ги плаќам со домашниот буџет, туку со старите продадени плочи. Има неколку продавници за плочи во Скопје. Има разлика во технологијата, можеби се дигитализирани и да не се слушливи во споредба со добар аудио сигнал на сочувана плоча која се слуша на опрема –  вели Томески. 

Не може да се споредува слушањето музика од јутуб со слушалки на мобилен телефон.

– Незаменлив е филингот, вадењето на плочата од футрола, ставањето на грамофон, бришење, спуштање на иглата и седнувањето во фотелја и уживање. Крцкањето, односно оштетувањето, не треба да го пригушува звукот, односно тонскиот запис – објаснува Томески.

Планирана е регионална и интернационална берза на винили која го опфаќа и Прилеп.

ПРОМОЦИЈА НА 4 МУЗИЧКИ ЕНЦИКЛОПЕДИИ

Знаењето ќе го искористи на музичкиот настан на 14 април во 19 ч. Во кафетеријата Оникс ќе бидат промовирани 4 музички енциклопедии на Тошо Филиповски.

-Рок културата во Македонија е на долна линија. Прилеп заслужува ваков настан. Ќе бидам и водител и зад грамофоните ќе пуштам македонска музика за посетителите да го почувствуваат уживањето со звукот на плоча. Енциклопедиите ќе може да се купат. Желба ми е да се подигне музичката култура. Немаме ниту едно место каде може да се купи музички запис, весник, младава генерација нема што да ја води, нема радио. Настанот да побуди интерес и да видат што се случува во другите градови и надвор од Македонија, дека луѓето слушаат музика, а не само три песни од телефон додека се тушираш, туку се слуша музика која треба да биде освежување на духот.

Loading