ПРАЗНИКОТ НА ТЕАТАРОТ ОД 3 ДО 11 ЈУНИ

56- то издание МТФ “Војдан Чернодрински”

Годинашниот МТФ “Војдан Чернодрински” ќе се одржи од 3 до 11 јуни. По 56 – пат ќе се претстават македонските театри со кои ќе конкурираат за учество на фестивалот. Според донесената одлука на собранието на фестивалот, театрите можат да пријават најмногу две претстави од својот репертоар премиерно изведени во последните две години. Монодрама и дуодрама не треба да се пријавуваат во официјалната програма. Претставите ќе ги гледа новиот селектор д-р Иван Додовски. Тој треба да ја изврши селекцијата на пријавените претстави до средината на мај. Селекторот има право да избере од 7 до 14 претстави за официјалната програма или најмногу една претстава од една театарска институција.

Додовски за Зенит изјави дека му е особена чест што од Собранието на МТФ едногласно му била доверена задачата да биде селектор на официјалната програма на најзначајниот домашен театарски фестивал.

– Понудени се триесетина претстави на македонските театарски куќи. Веќе одгледав неколку. Полека ја формирам сликата за домашната театарска продукција. Евидентно е дека поради епидемиолошки и други ограничувања, некои театри доцнат со нови премиерни изведби. Се надевам дека ќе можам да понудам селекција на квалитетни претстави што се одраз на сегашните дострели на македонскиот театар – вели Додовски.

Loading