ВЕШТИ ВО ВОДА И МЕРАКЛИИ ЗА СКОКАЊЕ

Прилеп имал пливачки и ватерполо клуб кој се викал Победа

Прилеп иако не е на вода, нема море или езеро, имал ватерполо клуб и добри пливачи. Прв град бил во Македонија во кој се изградил олимписки пливачки базен во 1951 година. На порталот “Прилеп стари фотографии”, Менде Младеноски неодамна објави фото од група ватерполисти.  Младите ликови кои имаат “плочки” на стомакот, а кои секако не им биле од одење во теретана, беа предизвик за новинарска потрага. Баравме наследници од нив да дознаеме детали за времето кога во градот имало вешти пливачи кои биле добри со топка во вода.

Илија Ангелески, наставник по спорт и спортски активности е син на пливачот и ватерполист, Трајко Ангелески Калабуза. 

– Првото натпреварување во пливање во Прилеп е во 1952 година. На фотографијата, која најверојатно е од 1953 г, се Раде и Миле Галески. Најгоре, прв од лево е вујко ми Петар Антовски, втор клекнат долу лево е Кобникот. Десно втор ред, прв клекнат е дедо ми присутен како родител. Татко ми додека се натпреварувал е со презимето Илиески, а откако се оженил со мајка ми е Ангелески. Тоа биле гимназијалци, учествувале во повеќе спортови. Татко ми бил и ракометар. Вујко ми одбојкар. Сите биле желни да се направи базенот и учествувале во неговата изградба. Баба ми ми Цвета ми кажуваше, дедо ми Димо Стојаноски – Курназо бил шнајдер и кога се копал базенот, татко ми пред него стани, како 15-16 годишник појди копај, помагај и кога ќе дојдел дома лом му биле рацете и со сало, му ги мачкала да оди да учи занает кај татко му. И пливачкиот и ватерполо клубот го носеле името Победа. Настапувале низ Македонија. Биле здрави, тренирале двапати дневно, сезонски, само два месеци, а брзо се формирал и ватерполо клубот – раскажува Илија Ангелески, син на пливачот и ватерполист, Трајко Ангелески Калабуза. 

Прв претседател и тренер на прилепскиот клуб бил Ратко Јованоски. Се натпреварувале со сите ватерполо клубови како Охридски барнови, Вардар… Добивале голема стручна помош од Александар Леко Радич од Охрид кој е и автор на книгата “Македонски делфини” (издадена 2002г.), а во која застапени се и прилепските пливачи.   

– За ватерполото нема податоци какви резултати постигнале. Во 1954 г. се натпреварувале во Штип за што сведочи и фотографијата со капите на главата. Дека прилепчани го сакале пливањето и ватерполото сведочи и фотографијата каде се гледа голема посетеност за првото првенство во Прилеп кога се пуштил базенот. За жал, не ја сочував фотографијата направена од високо, најверојатно од тополите покрај базенот, каде имало 6 000 публика. Играле со скопјани, ги победиле. За татко ми викале, извадете го “лудаков”, оти бил силен левак. Имал терсене удар и бил многу успешен. Гледачи имало и за другите државни првенства. Биле атракција и народот се собирал – расакжува Ангелески.

Тогашната генерација пливачи, а воедно и ватерполисти биле физички подготвени, нешколувани, но талентирани. Го сакале спортот. Меѓу себе се разликувале до две години во возраст. Приказната за пливачкиот и ватерполо клуб Победа завршува во 1957 година .

-Немало кој да ги наследи. Немало млади генерации со такви афинитети. Татко ми заминал во Скопје на факултет, вујко ми Перо заминал во Белград и таму останал. Биле блиски меѓу себе. Жив е Раде Галески, а тој му бил девер на вујко ми Перо. А дали јаделе протеинска храна, кој знае. Можеби со домати и пиперки –  се шегува Ангелески.

И тој го сака пливањето. Се сеќава кога како деца пливале во Претор се чуделе таму од каде знаат прилепчанчињата. Кратко тренирал и за Студент. Жали што не се успеало во Прилеп да се изгради затворен олиписки базен иако имало најави.

“МАРКОВИ КУЛИ” НАСЛЕДНИЦИ НА “ПОБЕДА”

 Од 1957 г, дури во 1998 г. на иницијатива на Езерка Базеркоска и неколкумина поранешни ентузијасти, формиран е нов пливачки клуб Маркови кули. Претседател бил избран Јордан Јорданоски.

-Заедно со колегата Васко Гајтаноски се ангажиравмекако невработени професионалци. Се направија напори и се доизградија уште два детски помали базени. Уште го одржуваме клубот. Со Гајтаноски преку 3 500 деца сме обучиле во пливање, сезонски, првите места се наши, има таленти. Родителите сакаат децата да знаат стилови во пливањето. Има интерес, но неможе без затворен базен – вели Ангелески.

ТРАЈКО ПРВ ГО СКРШИЛ МРАЗОТ

– Во 1946 година се почетоците на пливањето во Македонија. Татко ми во 1952 .г се натпреварувал на сениорското првенство кое прв пат се одржало во Прилеп. Пливал 100 м. слободно и го освоил шестото место. Единствен учесник бил од Прилеп, прв го скршил маразот, го претставил градот. Се натпреварувале со докажани пливачи и државни прваци. Натпреварите траеле два дена. Татко ми пливал во три дисциплине, на 10 0м, 400 м и 1500 метри. Успешни биле и Ицко Ристески, Никола Гешоски, Антоски, Арсоски и Плашески. Во 1957 година биле на петтото место на збирната табела, а зад нив имало уште 4 екипи. Најголеми успеси од Победа постигнале пливачите: второ место Борис Гацоски на 100 м. грбно и Видан Ристески на 200 м. градно – додадава Ангелески.

Loading