МИР ДА ИМА, ВОЈНА ДА НЕМА

Блаже Петрески (61) со семејството останува во Украина

Во земјата во која се војува, во Украина е семејството на прилепчанецот Блаже Петрески (61). Тој е во градот Запорожје. Засега не планира да се врати во Македонија, затоа што се надева дека мирот ќе надвладее и брзо ќе се стабилизира состојбата. Војната му ги променила сваќањата за животот. Сватил дека најважен е мирот. Парите се печалат, а кога е војна нема и каде да се трошат. Зенит успеа да стапи во контакт со Блаже Петрески кој раскажа како се живее и оствари дури видео врска.

Таму е уште од деведесеттите години кога отишол како градежен техничар со фирмата Бетон преку која граделе згарди, откако се влошил бизнисот дома. Меѓу првите отишол и научил руски јазик. Отворил перална 1997 петти бил со тој бизнис. Во 1999 купил еден стан, потоа уште еден. Со синот Даниел (36) имаат фирма за градежништво. Работел и во Луганск  и во Донецк, во сите краеви во Украина.

Вели дека е добра ситуацијата во градот Запорожје. Напади има во околината на градот со 900 илјади жители. Нуклеарната централа е оддалечена 150 километри.

– Мирно е овде. Се водат битки покрај Азовско море. Функционираат сите институции, банките, супермаркетите, фабриките, аптеките, болниците, градскиот сообраќај. Има централно греење, вода, бензин, гас… Не работат само училиштата, фризерите, козметичките салони. Има командантски, односно полициски час од 20 часот навечер до 6 часот наутро. Во супермаркетите се празнат продуктите, не е како порано да лежат и тежат. Се преполовува понудата, оти воено е време. Транспортот тешко се одвива. Овде се најголемите фабрики за мотори за авиони и хеликоптери. Индустриски град е. Има преработувачки капацитети за сите хемиски елементи од Менделеевиот систем. За никел, титан, графитна фабрика, за азотни ѓубрива… Градот е под украинска власт, како што беше. Бизнисот беше 50 отсто со руски газди. Сега се намали околу 30 отсто. Русите ги продаваат бизнисите на Украинците. Украина победува, помаганата од Запад. Народот е воинствен, како Македончето, кога се работи за своето. Сé чува како очите и не го даваат своето. Се борат како лавови. Како Македонците се. Се гледа на Русите како на окупатори. На интернет има различни вести. Ова е информативна војна. Има информации од руски, кинески и англиски извори. Секој различно си толкува, како што му одговара. Вистината е дека Украинците не сакаат да се подели и нема да се раздели државата. Бидејќи е голема и моќна. Беше нуклеарна земја. Русија ја примора да стани “нејадарна”, односно  неатомска, ненуклеарна. Овде се произведуваа и нуклеарни глави за ракети. Се бомбардираат воени објекти, складишта, аеродроми, воени фабрики надвор од градовите. Русија не сака да гаѓа по мирни жители. Фабрики има и во градот. Некогаш се грешева, но војна е – раскажува прилепчанецот Блаже Петрески.

Признава дека од Минситерството за надворешни работи ги контактирале да им обезбедат коридор за евакуација. Ги одбиле, бидејќи решени се да останат таму. Роднините им се јавуваат секојдневно.

– Се јавуваа два – трипати. Им објаснив дека имаме здравствени проблеми, со инвалидно лице сме. Остануваме овде. Се надеваме дека уште една недела ќе биде вака, после ќе се смири. Синот Христијан од Прилеп постојано ѕвони. Прашуваат како сме. Ме бараат роднини од Австралија, од Германија – кажува Петрески.

Ситуацијата се сменила откако започнала кризата. Вредностите во животот се смениле. Но посакуваат мир.

– Секој сака да нема војна. И нас не изненади дека излезе војна, братски народ е православен, никој не мислеше, ова е чудно. Стравот постои, овде живеаме 20 години, а синот 18 – 20 години. Торбата со документи е спремна да бегаме, ако има бомбардирања. Ноќе спиеме без светло инаку има казни. Ние сме Македонци, немаме потпишано за државјанство. Украинците до 60 години се мобилизирани и не смеат да излезат од границите. Посакуваме мир, да нема војна, а парите се печалат каде и да си. Имаме недвижнини. Големите бизнисмени со пари не се во Украина. Овде остана средната класа. Банките работат, но долари нема. Има метеж, ако сакаат да ги извадат парите, им даваат по 4-5 илјади гривни, односно 400 – 500 долари. Во супермаркет може да се купат намирници и од каса, со картичка, може да се добијат секој ден по 40 долари – раскажува Петрески.

Семејството Петрески сонува за убави денови и се надеваат дека во август ќе дојдат во Прилеп за семејна веселба и дека животот ќе продолжи нормално да тече.

МАСЛОТО 80 ДЕНАРИ, А ВОТКАТА Е ОГРАНИЧЕНА

Производите поскапуваат. Плинот е 90 центи (помалку од американски долар) односно литар 50 денари. Сега е двојно поскап. Двојно поскапе маслото за јадење кое го има во изобилие и први сме во светот по производство. Сега литар масло е 40 гривни, евро и 30 центи односн 75-80 денари. Платите се спуштија со инфлацијата во 2014 година кога беше кризата. Може да се преживее со 300-400 долари. Има плати и од 500 до 1 000 долари. Бензинот кој може да се наточи на крајот од градот, бидејќи градот е забарикадиран, има блокови, закопани тенкови, ровови, изнесува 40 гривни за литар. И нафтата е 40 гривни, 1,6 евра. Од 7 до 10 март го стопираа продавањето на алкохолот. Сега се продава, само од 10 до 14 часот. Има вотка, ама забрането е продажбата попладне – вели Петрески.

Loading