ДЕСПИНА ЗА ДВА ДЕНА ОДИГРА ДВЕ ПРИЈАТЕЛСКИ

Ракомет

На ред е плеј-офот од женската ракометна Супер лига по 30 дена на подготовки. Екипата на прилепска Деспина, покрај тренинзи, успеа во училишната сала ,,Ристе Ристески – Ричко,,  да одигра две пријателски средби за два дена. Во понеделникот беше поразот од шампионот Куманово, а во вторникот победата над битолски Пелистер.

Тимот на тренерот Страшо Илиески е пред одигрување 14 меча во борбата за пласман од 1 до 8 место. Првиот е веќе в сабота со Стружанка во Струга. Тешко може да се издвои фаворит, оти двата ривала во ова првенство не се сретнале. Деспина беше во А-групата, каде го освои 3. место, додека Стружанка во Б-групата го зазеде 4. место. Пласманот од групите им овозможи на екипите да стартуваат со бодови: првопласираните со по 4, вторите со по 3, третите со по 2, четвртите со по 1. Така, табелата е следната: Вардар и Куманово по 4, Металург и Чаир по 3, Деспина и Ѓорче Петров по 2, Пелистер и Стружанка по 1 бод. За Деспина е добро да го повтори ланскиот пласман на 5 место, кое беше излез во Европа.

Во играчкиот кадар на Деспина нема новости во споредба со есенскиот дел.

Loading