ПОБЛИСКУ ДО КОРИСНИЦИТЕ НАСОЦИЈАЛНИ ПРАВА

Подрачни канцеларии на МЦСР во општините Долнени и Кривогаштани

– Отворини се преку проектот на Лаг Агро Лидер, поддржан од Австриското министерство за социјална заштита

Информации и помош при оставрување на правата за социјална заштита може да добиваат жителите од општините Долнени и Кривогаштани без да доаѓаат во Прилеп. Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа (МЦСР) од Прилеп, отвори подрачни канцеларии преку проектот на Лаг Агро Лидер, поддржан од Австриското министерство за социјална заштита. Услугите на МЦСР за правата на граѓаните, по неколку години, се поблиску до корисниците. Подрачните канцеларии сместени се во општинските згради.

– Отворањето на канцеларијата во Општина Долнени е многу битно бидејќи е рурална и оддалечена повеќе од 20 километри од Прилеп. Таму има 400 – 500 домаќинства, корисници на гарантирана минимална социјална помош и голем број на корисници на образовен и на детски додаток. Во Кривогаштани има околу 100 корисници на минимална социјална заштита. Но, имаме и работа од други законски обврски: за семејното насилство, во превенцијата. Канцелариите обезбедуваат сеопфатна помош за заштита на населението. Жителите можат да прашаат за новите права, што им припаѓаат според законот, дали ги исполнуваат условите, ќе им се потполнат потребните барања, ќе им се укаже помош при вадењето на потребната документација. Со канцелариите, повеќе граѓани ќе се охрабрат и да пријават семејно насилство и проблем со деца за да им се даде потребната заштита. Првин поставивме систем на функционирање на мобилни тимови. Локалните самоуправи обезбедија простор. Вклучени се двајца од проектот и еден стручен соработник од МЦСР – објаснува Дејан Тошески, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп.

Градоначалник, Урим Ибески од Општината Долнени изразува отвореност за соработка со граѓанскиот сектор за подобрување на живот на жителите. Канцеларијата се наоѓа во општинската зграда во селото Ропотово и ќе биде отворена секој вторник и четврток.

Во Кривогаштани ќе работи во понеделник и среда.

Проектот со Лаг Агро Лидер, планирано е да трае до септември, но МЦСР располага со вработени, така што одржливоста ќе биде и по септември.

Loading