ПРВИН ТИТО, ПА МУЗИКА И ПАРТИЗАНСКИ ФИЛМ

Живот: Трајко Еленински за новогодишните празнувањето некогаш

-Пред телевизорот, го слушавме Раде  кака што го викаше дедо ми радиото

Секогаш не бил ваков натпревар, престиж за Нова година да се биде во елитен хотел, во некоја странска метропола, во друштво на јавни личности. Некогаш било доволно да си дома. За времињата потсетува 73-годишниот сограѓанин Трајко Еленински, некогашен градежен работник, печалбар во Либија и Чехословачка, накрај вработен во Гарнизонот. Бидејќи е родум од Бешиште, каде ги минал детските години, раскажа за крајот на четириесеттите до средината од педесеттите години на минатиот век.

Во куќите обично се собирале по два-тројца другари, а жените многу не се мешале. Некој ако има со гајда, друг со кавал свирел. Ноќта спроти Нова година ја врвеле со топла ракија, салата, со свинско солено од каца, месо, биено сирење, млеко…

– Пред Нова година селаните се прибираат дома. Ја нахрануваат стоката и право дома. Цела ноќ се седеше. Сабајлето, нелегнати, пак кај стоката. Телевизија немаше. По некое радио на батерии. Ние децата игравме оти не можеме да спиеме. Дедото ни велеше: Слушајте што ќе каже Раде (радиото)! Храна природна. Старите постат, целата недела пред Божик, а младите не толку. На децата не даваа во петок. Ама дете како дете, ќе се крие, ќе украде и ќе лапне. Играчки немавме. Се снаоѓавме со камчиња, железни топчиња, како сачми од гранати оставени од Германците.  Народот беше повесел. Убаво – се сеќава Еленински.

 Во педесеттите се чекала Нова година во градска атмосфера. Градот не бил баш градски. Без калдрма, полн со прашина или кал. За мнозинството од граѓаните недостижни биле хотелите, рестораните, кафеињата, спортските сали. Немало организиран дочек.

– Занаетчиите низ чаршијата се собираа по дуќаните. Со топла ракија, некоја салата од зелка, ја минуваа ноќта. Дома со мајка ми и брат слушавме радио. Подизлегувавме. Петарди немаше. Со листови од книги правевме некои ,,пуканки,,. Телевизор ретко која куќа имаше. На 20-30 куќи еден. Таму се собираа. Во шеесеттите дојде напредок. Се купуваа телевизори. Програмата беше една. Во 20 часот, првин претседателот Јосип Броз – Тито се јавуваше со обраќање. До 23 часот музика, шеги, па филм партизанки и до полноќ завршуваше програмата -раскажува Трајко.

Еленински, заедно со сопругата Бојана, Нова година пречекувале на најубавото место – дома.

Коледавме по 300 куќи

Во социјализмот Нова година била државен празник, а Божик не. Верувањето во Бог се сметале заостанатост, застарено. Ама, народот ги негувал обичаите, традицијата за празникот на Христовото раѓање.

– Беше весело уште за Коледе. Децата од Бешиште бевме поделени во групи од Горно и Долно Маало. Со торбиња в раце од 10 часот до вечерта ги посетувавме сите 300 куќи, пеејќи.  Ни даваа посно, јаболче, костенче… Така беше и за Василица, но со мрсно, колбаси… Се радувавме на собраното во торбата – кажува Еленински.

Loading