ХАМБУРГ Е ИДНИНА НА ПЕТТЕ ДЕЦА

Седумчленото семесјтво на Горан (50) и Марина (33) Тренкоски во Гермнија

Маката го однесла прилепчанецот Горан Тренкоски на гурбет во Германија пред седум години. Тешкотиите во обезбедувањето на егзистенција и нормален живот на седумчелното семејство биле предизвик да се оддели од сопругата Марина, децата Софија (7), Стефи, (9), Симона (11), Сара (13) и Самсон (14). Една година го вадел лебот на разно-разни начини, а потоа го повлекол и семејството да се собере во удобна и хармонична средина во Хамбург.

Не е лесно да се биде осамен во нова средина, без познавање на јазикот. Но, со упорноста и трудољубивоста се наметнал во средината и добил дозвола да го пресели целото семејство. И Германија му возвратила со десетици бенефиции за многудетните семејства, а тој и се оддолжува со чесен пристап кон работата како возач на шлепер со прикола. Превезува контејнери од бродовите на пристаништето во Хамбург до одредени дестинации не многу далеку. Не се жали. Среќен е што успеал да свие ново гнездо, нов хармоничен дом во пријатна атмосфера далеку од Прилеп, без да води грижа за финансиската сигурност за соодветниот пристап на децата од германската држава, за социјалните надоместоци, односно за помошта што ја добива како многудетно семејство.

-Ми се тргнаа тешкотиите што ми се создадоа во Прилеп. Снемуваше работа. иакоа понекогаш заработував дневно колку една македонска просечна плата. Почувствува дека не ќе можам да ја одржувам фамилијата. Го исправив патот за Германија. Не се каам, зашто тргнав во потрага на иднина за моите потомци – вели Тренкоски.

Во Прилеп бил превозник на песок и земја со својот трактор и приколка. Арабаџија и физички работник. Бизнисот му донесол и два камиони. Се зафатил со поголеми работи. Купил и багер. Но, секнувала работата, а се множеле обврските кон сопругата и петте детски усти дома. За да остане во бизнисот со фирми кои учествувале по тендери, му биле барани по 20-30 отсто од зделката. Не можел да ја дели својата пот и трудот со некого. 

-Во Германија се живее нормално, без стравување и ограничување. Без неизвесност дали ќе се обезбеди плата да се исхрани семејството. Нема од што човек, кој работи, да се плаши дека некој нема да му плати или дека ќе го изгиграат. И овде, и во Прилеп не сум паразите. Работам и заработувам за пристоен живот. Дури и вредностите се почитуваат и се наградуваат. За повеќедетните семејства помага државата. Само детскиот додаток е 1200 евра. Градинката не се плаќа. Дневниот престој го подмирува социјалниот центар. Дури на децата им се плаќаат и екскурзии и спортски школи. Не се плаќа јавниот превоз. Широкограда е Германија за малите потомци – објаснува Тренкоски.

Државата ги плаќа 90 отсто од трошоците за станарина, потоа греењето и водата. Му останува да плати околу 10 отсто од станарината и потрошената електрична енергија. Сопругата има привилегија да се школува, да го совлада јазикот, потоа да се обучи за одредена работа, да посетува курс и да стекнува знаења. Сето тоа е без евро да се одлее од домашниот буџет, туку на сметка на државата.

Возачот на камион од Прилеп во Хамбург заработува солидно за пристоен живот. Не чувствува грижа дали ќе го помине месецот или не, нема потреба од големи математики, сметки… Државата не остава никого на цедило, особено семејствата со повеќе деца.

-Обезбедување на иднината на децата, стеснетите можности во Македонија беа носечки за одлуката да се преселиме комплетно. Кај нас не гледав светло утре за децата. Загрозен од сериозната криза, дојдов на здарави темели и заработувам солидно. Маана е што  на децата им недостасува слободата што ја имаа во Прилеп. Ги немаат маалските игри – кажува Тренкоски.

Марина ги воспитува децата, додека Горан вози камин. Кога ќе пораснат и тие да влезат во кабината, па да направат фамилијарен бизнис.

-Со добра волја, желба, план и поддршка од сопругот се издржува на децата да им се зготви, да се исперат, да се постави трпезата, да се измијат тајнирите и да се воспитуваат-  вели Марина.

-За да се запре иселувањето кај нас и да се поттикнат браковите, државата треба да ги поддржува родители, да бидат слободни, да работат, да обезбедат сигурност и да ги изведат децата на правиот пат. Па нели се живее за подобра иднина на децата. Тоа ми е целта- завршува  Тренкоски.

Единствена желба им е здравје, среќа за сите семејства.  

Сакав десет – имам пет

Лани ги крстиле во Прилеп сите деца на еднаш.

– Сакав десет деца. Тие се дар од Бога. Дете сум на  фамилија со пет деца. Традицијата се повторува. Се расправам со поимотните кои одгледуваат едно дете или ич. Сметам дека тие се себични. Не сум имал многу пари, но за едно ваганче плус, не е проблем. Само малку државата да помага, да не се стегаме таму. Овде го стимулираат бракот и раѓаето на децата.

Loading