ВЕКОВНАТА ТРАДИЦИЈА ПАК НА ПЛОШТАД

В недела ќе се слави празникот на градот, Свети Никола

– Домаќин е компанијата Футура, а в година фирмата Теракота

По ланското одбележување на празникот на градот, Свети Никола во корона услови и поради забрани за јавни манифестации само со црковна церемонија, годинава на отворено ќе се слави заштитникот на градот на плоштадот “Александрија”. Празнувањето почнува в недела со света литургија во црквата Свето Благовештение, со водоосветување и прережување на славскиот колач крај параклисот во центарот.

Празникот се чува од раскошот и богатството. Тој е нематеријално наследство, пренесувано од колено на колено со столетија. Со насмевки се отвораат широко вратите да зачукаат силно срцата на сите и да се пожели здравје, бериќет, љубов, среќа…

Се верува дека Свети Никола им помагал на сиромашните, гладните, девојките…

Домаќинот, Тони Тарунџиоски од компанијата Футура и локалната самоуправа ќе ја продолжат востановената 16 годишна традицијата.

– Бидејќи лани беше многу затворен градот поради короната, годинава е можно одбележување пак со голема одговорност. Не е премногу слободно  и нема место за голема комоција, покрај повеќето вакцинирани и прележани граѓани од Корона 19. Прославта на Денот е замилена со поделување на пакувани богати оброци со традиционалните посни сармички, грав, риба… на плоштадот во соодветна дисциплинирана атмосфера. Поради тоа што е недела, празник и се очекува снег, оброците ќе бидат подготвени во поединечни стиропорски хигиенски пакувања од сертификуваната фирма за подготовка на храна, Ана Марија фуд – вели Тарунџиоски.

Тој смета дека актот на дарување не се прави некој да се прослави, туку се прави од срце. Тоа е чест мене, за семејството, за компанијата и чин на пренесување на духовниот контекст на генерциите во дослух со градските традиции.

-Хуманоста не е бројка. Се помага на оние кои не се добро ситуирани. Не само за овој празник, туку секогаш кога е можно да се направи некоја благородна мисија, да се отвори душата, да се подаде рака на немоќниот. Тоа се прави во името на заедништвото, чистата мисла, почитта, љубовта – вели Тарунџиоски.

 Дознаваме дека в година домаќини ќе бидат сопстевниците на фирмата Теракота, Гордан Бошкоски и Коста Тошески.

Покрај тутунот и мермерот, Прилеп стана препознатлив и по ситните вкусни сарми колку еден залак. Манифестацијата доби и димензија на туристичка атракција. На минијатурните сарми не им одолеваат ниту дисциплинираните диеталци. Градот го совлада и Гинисовиот рекорд со подготовка на 81 илјади сарма.

Loading