ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ

Кога Господ ја направи дуњата, човекот дојде при него и му рече на Господа:

-Ти ме направи човек! Кажи колку и како ќе живеам, со што ќе се ранам и што ќе работам.

Господ му рече:

-Триесет години ќе живееш, ќе го јадеш слободно секој шеј, што не ти го расипува здравјето. Работа ќе ти биде да го повелаш сето што е на дуњата.

-Е, Господи! Благодарам за арниот живот што ми го даруваш, ама годините ми се малце!

Господ му вели:

-Оди таму на ќошето да седиш”.

Дојде и волот пред Господа и го праша:

-Господи, ти ме стори ајван. Ка жи колку  и како ќе живеам, што ќе работам и со што ќе се ранам?

Господ му вели:

-Го гледаш човек што седи во ќошето? Ќе ти биде стопанин. Ќе ораш и теглиш кола. Јадење ќе ти биде трева и слама. Ќе живееш 30 години.

Волот му вели:

Господе, за таков лош живот, сечи малце од годините!

Човекот кога чул, намавнува со раката на Господ и полека му вели:      -Земи од него и дај ми мене.

Се насмеа Господ и рече:

-Нели сте благодарни и двата да земам 20 години од волот и да му дадам 20 години на човекот од воловскиот живот.

Дојде и кучето и му рече на Господ:

-Господи, ти ме направи куче. Колку и како ќе живеам, што ќе работам и со што ќе се ранам?

Господ му вели:

-Ете, го гледаш тој човек што седи во ќошето? Ќе ти биде стопанин. Работата ќе ти биде да ја чуваш од стопанот куќата, овците и стоката. Ќе ги јадеш корите и коските што ќе останат од софрата. Ќе живееш 30 години.

Кучето му вели:

-О, Господи, таков лош! Сечи малце од годините!.

Човекот што седеше на ќошето, кога чул, намавнува со раката на Господ и полека му вели:

-Земи од него и дај ми мене!

Се насмеа Господ и рече:

-Нели сте благодарни и двата. Да земам 20 години од кучето и да ги дадам на човекот да  му станат 70 години, а на кучето 10.

Најпосле дојде при Господа и мајмунот и му вели:

-Господи, ти ме мајмун. Колку и како ќе живеам, што ќе работам и со што ќе се ранам?

Господ и него му вели:

-Ете го гледаш тој човек што седи на ќошето? Ќе ти биде стопанин, ќе те рани со лешници, ореви и други емиши. Ти ќе го насмеваш со играчките твои и ќе му ги смееш и лажеш децата, а ќе живееш 30 години.           Мајмунот му рече:

-О, Господи, таков лош живот! Сечи малце од годините!

Човекот што седеше на ќошето, кога чул, пак му намавнува со раката на Господ и му вели:

-Земи од него и дај  ми мене!

Се насмеа Господ и рече:

-Нели сте благодарни и двата да  земи од него 20 години и да му ги дадам на човекот да му се сторат 90 години.

И така човекот до 30 години живее човечки живот, слободно. Од 30 години до 50 – волски живот, си го клава јаремот на вратот, работи и се мачи за да рани жена и деца, и секако прави пари. На 50 години како стане таму ќе застане веќе. Колку спечалил дотогај, ќе ги чува, ќе стане чувач. Од 50 до 70 години живее кучешки живот. Цел ден се кара со домашните. За малце нешто, најдува мана, псуе, се кара и вика. Од 70 години насетне до 90. Живее мајмунски живот. Сите во куќата си играат и се смеат со него. Се чини како мало дете или како мајмун.

Марко Цепенков

Loading