ВЕНЕЕ СТАРАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА

Објектот на старата железничка станица во населбата Старо Корзо, одамна ,,плачи,, за реконструкција. Дури неколкуте придружни објекти во близина на ОУ “Рампо Левката” се оставени на милост и немилост на времето. Сета среќа што некој бизнисмен колку-толку се грижи за објектот. Поинаку, досега од него ќе ги немаше ниту циглите, можеби и темелите. Некогаш тој простор беше дел од рударското, текстилното, а потоа и од економското училиште. А сега безмилосно грицкаат годините од градежниот материјал од покривот, од фасадата… Некогашниот објект од каде тргнувале и каде стасувале парни локомотиви со дрвени вагони датира од Првата светска војна. Тука бил центарот на германските сили за логистика на фронтот во војната. Линијата не била стандардна, туку била, за тоа време, потесна, или како што ја викале теснолинејка. Од неа денес стои и оградата на основното училиште. Оттука преку селата Селце, Лениште, Плетвар насоката водела кон Тројачката котлина до Градско, каде била веќе изградена пругата Скопје-Солун околу седумдесеттите години на 19 век.

Соседите на убавата архитектура на објектите на желеничката станица не ја ,,допираат,,. Ја ,,одржуваат,, без да фрлаат ѓубре во внатрешноста од некогашниот придружен објект на станицата. Но, се прашуваат какви се намерите на локалните власти за зачувување на објектот, или пак каков е статусот во новите урбанистички планови, што е стокмено на овој простор. Дали ќе се урива или ќе се зачуваат и реновираат остатоците од железничката станица на теснолинејката. Аплаузи заслужија тие што ја реставрираа блиската стара зграда и ја адаптираа во простор за регистрација на младите брачни двојки. Но, за жал и таа е Во немилост последниве неколку години. Во близина е бараката на невладината организација за деца, а дел од некогашниот објект на фирмата Мукос секој ден се рони цигла по цигла. Добро е барем што последно време се одржува хигиената во напуштените простори. Но, штета е што објектите со историско значење се оставени без ничија грижа. Уште помалку без идеја за реставрација и ставање во функција со уредување на околниот простор.  

Со дотерувањето на фасадите на неколку стари градски куќи кои ја заличија околината не се собраа сили да се врати автентичниот сјај на објектите на старата железничка станица и да се зачува и искористи ова “парче” историја. Жално е што се пусти богатство од минато и длабоките градски корени.

Можеби некој ќе се сети и конечно ќе го уреди целиот простор како што се ревитализира дел објектот каде што сега е сместен просторот за регистрација на бракови.

Loading