НАДАРЕНИТЕ ДЕЦА СЛИКАА ЗА ГРАДОТ

Ротаријанците во поттикнувачка акција кај средношколци

Прилепскиот Ротари клуб организираше арт хепенинг со кој ја оконча традиционалната манифестација за поттикнување развој на уметничките афинитети на средношколците што секоја година ја организира во центарот, под отворено небо, за денот на градот, Трети ноември. Клубот ги додели наградите на најуспешните и најнадарените средношколци кои го дадоа својот придонес во празнувањето со сликарски креации посветени на Прилеп. Стручно жири со членови од Друштвото на ликовните уметници на арт хепенинг ги прогласи најуспешните слики на надежните уметници на веќе десетгодишната манифестација.

Во силната годинешна конкуренција со учество на дваеситина средношколци со сликарски афинитети, жирито во состав д-р Наде Караџоска, член на Ротари клуб, Кирил Гегоски – ликовен уметник, Васил Костов – ликовен уметник и Викторија Димеска- ликовен уметник се определи првата награда да ја додели на средношколката од гимназијата “Мирче Ацев”,. Тамара Мирческа. За изразитите уметнички квалитети на делото, таа  доби ваучер од 6000 денари од фирмата Лукас. Нијанса во уметничката вредност делеше сликата на гимназијалката Елена Димеска. Според жирито, таа ја заслужи втората награда и ваучер од 3000 денари. На оценувачите им остави уметнички впечаток сликата на гимназијалката Зорица Стојческа. Нејзиното сликарско творештво и дар се нареди на третата позиција, а Лукас í додели ваучер од 2000 денари.

Претседателот на Ротари клубот Тони Тарунџиоски, кој ги додели наградите, ги нагласи хуманите димензии на манифестацијата, Тој е убеден дека признанијата се стимул и крила за талентите за оставрување на нови уметнички креации и збогатување на културното наследство во градот.

Ротари клубот планира в година да организира донаторска забава со продажна изложба на овие слики, а собраните средства ќе ги донира за добротворни цели.

Loading