ИЗБОРИ

Беа избори. Беа и поминаа. Се изнаслушавме сé и сешто. Во жарот на борбата (политичка) лексиката беше на спореден колосек. Јазични грешки се случуваат секогаш и насекаде, но во овој изборен период се безбројни. Тој проблем како да станува најневажен. Не се обрнува внимание на јазикот. На тој јазик, на македонскиот јазик, со кој се манифестира грижата за Македонија, грижат за граѓаните на МАКЕДОНИЈА. Сето тоа е пренагласено. Понекогаш, носени од силната намера да се наметне своето мислење, се користат и непристојни средства. Силен политички занес, еуфорија и губење на контрола при искажување на своите мисли, своите идеи. Сведоци бевме на непристојни гестикулации, кои не прилегаат, ниту на личноста која ги прави, ниту на местото од каде се прават.

Течеа изборите, течеа и известувањата од страна на сите национални ТВ. Еве една таква информација: “Во различни општини изборите беа прекинувани, поради нефункционирање на апаратите за отпечаток на прстот”. Новинарката вели дека изборите биле прекинувани во “различни” општини. Зошто мнозина од новинарите не рабираат дека “разни” и “различни” не е исто. Во овој случај станува збор за разни општини. Значи, секакви, мали, големи и… Не може да се вели “различни” општини. Не постојат исти општини. Сите се разликуваат едно од друга. Различни се, тоа е јасно, не треба да се нагласува. “Разни”, значи секакви, а “различни” кажува дека сите се разликуваат една од друга. Во случајов се однесува на РАЗНИ општини.

Се изнаслушавме безбројна употреба на глаголот бираат. Тој глагол, со таа форма, го нема во нашиот јазик. Кај нас тој секогаш е префиксиран – избираат, одбираат, пребираат. Од сите ТВ слушавме: Граѓаните бираат, се бираат градоначалници, се бираат советници… На некои ТВ слушавме “се избираат”, а долу на кајронот читаме се бираат. Оваа погрешна употреба на односниот збор ја слушавме (и ја слушаме) од сите новинари, презентери, политичари. Слушавме и искажувања дека секој имал право да бира и да биде биран. Зошто се прават овие грешки. Па нели беа ИЗБОРИ, а на изборите СЕ ИЗБИРА, а не се БИРА. Белки нашиве новинари и политичари ќе го ИЗБЕРАТ она што е правилно.

Мошне често на сите ТВ слушаме еден многу несмасен израз. Еве една таква реченица: – “Во Битола до 11 часот излегле на гласање толку и толку граѓани со право на глас”. Вакви и слични реченици слушавме преку целиот ден кога се извршуваше гласањето. Па ова е дури и смешно. Излегле толку и толку граѓани со право на глас. А зар излегле и некои други, кои немат право на глас? Се знае тоа. На гласање излегуваат оние кои имаат право на глас. Тоа е толку јасно и едноставно. Зошто новинарите известуваат дека излегле да гласаат оние кои имаат право на глас? Чудно, зар не?!

Постои редовна грешка која произлегува од скопскиот говор, а тоа е погрешната употреба на предлогот “ВО”. Тој предлог има форма “ВО” и скратена форма “В”. Во скопскиот говор се користи секогаш “ВО”. Со тоа се прави голема грешка која несвесно ја прифаќаат и во другите места во Македонија.

Последните мигови пред да започне изборниот молк, се обрати премиерот. Вели: – “Во недела гласаме! Во недела донесуваме одлука! Излезете во недела и гласајте за најдобрите”! што треба да разбереме од ова? Значи, штом ќе дојде која и да е недела, излезете и гласајте. Немој некој да излезе во петок или во сабота.

В НЕДЕЛА, господа новинари и господа политичари. Штом е тоа првата наредна недела, тогаш е В НЕДЕЛА, не ВО НЕДЕЛА. Во недела значи – во секоја недела.

Loading