ДОДЕЛЕНИ ТРИ НАГРАДИ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО – ЗЛАТНА ПЛАКЕТА

По повод 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп

Постхумно награда  за животно дело им се додели на  Драган Попоски – Дада, доајен на македонската современа скулптура и на новинарот, писател и публицист, Тачко Локвенец. Златна плакета доби и општествениот работник Илија Адамоски. Беа додели и 4 плакети и 7 дипломи.

Награди – плакети добија: Младост 96, за достигнувања во областа на спортот; Локална Акциона Група АГРО ЛИДЕР, за постигнати значајни резултати и достигнувања за подобар живот во локалната заедница;          Здружение за правна едуација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т Прилеп, за придонес во едукацијата и асистенцијата на граѓаните во насока на остварување на нивните права и фирмата МИНАС Прилеп, за негување на занаетчиството.

Дипломи 3-ти Ноември им се доделија на: Георги Стале Поповски, за достигнувања во областа на книжевноста и преведувачката дејност; Блага Тутеска, за достигнувања во областа на образованието и литературата; Круме Пирганоски, за достигнувања во областа на образованието и информатичката технологија; Божана Тренческа, за достигнувања во областа на литературата; на Димче Велкоски, за достигнувања во областа на воздухопловното, спортско и ракетно модуларство; Пулексенија Јованоска, за особен придонес во промоцијата на карате спортот во светски рамки; Јовица Нешкоски -Фризерот (постхумно), за негување на фризерскиот занает.

ЦВЕЌЕ ЗА ХЕРОИТЕ

Пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, Могилата на непобедените и споменикот на Песјобрдце, градоначалникот Борче Јовчески и претседателот на Советот Дејан Проданоски, се поклонија и им оддадоа почит на сите учесници во Народноослободителна борба против фашистичкиот окупатор.

– Им благодариме за идеите, за потребата да си свој на своето. Ветуваме, дека, како генерација ќе се грижиме за почитта кон нив, да не бидат заборавени, но и да го вратиме сјајот на Паркот на револуцијата, изграден во нивна чест, како и на сите споменици на културата. Но, и да им оставиме аманет на следните генерации да го чествуваат, почитуваат овој голем ден, зашто е во чест на сите кои ги положија животите за слободата на Прилеп – изјави градоначалникот Борче Јовчески.

Цвеќе положија и претставници на АРМ, боречката организација, политички партии и здруженија на граѓани.

Во одбележувањето на 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп беше отворена изложбата на дела создадени на годинашната Ликовна колонија Дрен 2021. Се одржа и 10-тиот Арт хепенинг на Ротари клубот од Прилеп пред НУЦК „Марко Цепенков”.

Loading