БЕЛЕГ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ ЖИВОТ НА ПРИЛЕП

Илија Адамоски – добитник на Третоноемвриската награда за животно дело

Претседателот на Собранието на најголемата  организација  со членство  во  државава, Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, М-р Илија Адамоски ја доби третоноемвриската награда на градот за животно дело за полувековната општествено – политичка активност. Адамоски со години е активен општествено- политички работник и активист во многу организации и здруженија. Своевремено беше и долгогодишен раководител на Фондот за здравствено осигурување. Во професионалната работа бил 11 години судија во Апелацискиот суд во Битола.

Роден е во селото Ореовец. Таму завршил основно образование, а гимназија во Прилеп. По завршувањето на правниот факултет во Скопје во 1964 година до 1969 година бил судија за прекршоци. Од 1969 година бил и пратеник во републичкиот собор на Собранието на СРМ. Две години подоцна го полажил правосудниот испит. Потоа бил многу години директор на Фондот за здравствено осигурување. Во 1980 година стана секретар на Регионалната  СИЗ од оваа област на југозападниот регион со 10 општини. Не мал е неговиот придонес околу изградбата на болница и заводот за здравстрвена заштита и многу други здравствени објекти во повеќе села од Прилеп. Остави белег во раководните структури на Црвениот крст, на општинскиот синдикат, социјалистичкиот сојуз и други општествени организации. 

М-р Илија Адамоски сега е претседател на Собранието на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија со општински 53 здруженија и со над 320 илјади пензионери.

Добитник е на повеќе признанија и награди меѓу кои и Орден за заслуги за народ со сребрени зраци, доделен од Претседателот на СФРЈ,  Јосип Броз Тито и Орден на трудот со златен венец на Собранието на Република Македонија.

Loading