БОМБОЛОВЦИ ОСТАВИЛЕ ГРАДСКИ ПЕЧАТ

Прилепските семејства низ вековите

Семејството Бомбол било стара градска фамилија. Не му се знае потеклото, ниту кога се доселило во Прилеп. Според некои, Бомболовци биле дојдени од Мариово, а по други од прилепските села. И професорот Михаил Бомбол, еден од потомците, не знае од каде дошле неговите претци.

Името на Бомбол го има во Кодикот на манастирот Трескавец, каде Ѓурѓа Бомболова, Богоја, Иван, Костадин и Јосиф подариле едно јунче во април 1788 година. Михаил Бомбол забележал дека кај чешмата на манастирот Трескавец, зад иконата пишувало дека ја изградиле Димо Мијакоич и Јоан Бомболовиќ.

Најбогато семејство

Пред столетија е пишано дека материјалната положба на Бомбол била на завидно ниво. Во 19 век, манифактурната фирма на Бомболови била најбогата. Во тешките моменти, лица од градските средини си го пишувале презимето со “овиќ”. Така го пишал Иван Бомболов под манастирот Трескавец.

Семејството постигнало голем економски и општествен подем во 19 век. Со двајцата браќа, Ицко и Мирче Бомбол, почнала промената на прилепчани. Да се сочуваат од чести пожари во чаршијата, подигнале здрави дуќани со камени ѕидови и сводови, т.н. маази, магазини во Араста. Ѕидањето чинело до 2000 турски лири. Тргувале со Австрија, Германија, Англија, Истанбул, Солун, каде имале консигнација и биле главни снабдувачи со стока на прилепскиот панаѓур. Семејството ја носела стоката со бродови до Смедерово, а оттаму со карван со коли до Прилеп.

-Главни двигатели на панаѓурите биле Ицо и Аџи Мирче Бомбол и Аџи Илиовци – забележал Михајло Бомбол.

Бомболовци го претворале богатството го во недвижнини

Бомболовци, Аџи Мирче и синовите Христо и Коста, го вложувале богатството во дуќани и маази и во земјиште. Имале чифлици во селото Крушевица, Врбјани, Големо Коњари. Економски биле многу моќни со капитал од 45.000 турски лири, од кои 25 илјади во имот, а останатите во трговија со мануфактура и сукно.

Семејството учествувало во градскиот живот. Во книгата “Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и национална држава” пишува дека Аџи Мирче Бомбол бил член на Црковно-училишната општина. Бил и еден од црковните настојатели. Синот на Аџи Мирче, Коста, ја проширил трговијата во Солун и го зголемил имотот на татко му со дуќани и земјиште.

Чорбаџиското семејството живеело на “висока нога”. Домот бил уреден со мебел од Виена. И облеката била по европската мода. Во дуќанот на Коста Бомбол во 1874 година се гореле дрва во печки од лиено железо, купени од Солун и Виена.

Видните семејства се поврзувале

Во 19 век се внимавало на поврзувањето меѓу повидните семејства. Бомболовци биле поврзани со Аџи Илиоски, Аџи Здравески, Аџи Митрески, Аџи Ристески, Дамјан – Петрови, Геракарови, Каракашови и многу други. Ж ивееле во грандиозни куќи, лоцирани кај градската река во близина на т.н. грчка црква. Сега нема ниту една од куќите, а семејството е исселено од Прилеп.

Бомболовци го загубиле имото по Втората светска војна.  Земјоделските имоти биле одземени со ревизијата од 1945 година без никакво решение и документ и без никакво обештетување.

Семејството било образовано. Имало плејада на кадри со факултет. Ордан Бомбол бил доктор на политички науки завршен на Сорбона во Париз. Кога се вратил во Прилеп бил директор на гимназијата. Бил и судија во Велико Трново и во Варна во Бугарија, директор на солунската трговска гимназија. Од 1919 до 1920 година бил градоначалник. И други членови придонесле за развојот на Прилеп, Македонија, како Данаил Коста Бомбол и Даре Бомбол кој бил претседател на Републичкиот црвен крст.

Да не си од Бомбола

И ден денес во Прилеп постои поговорката за Бомболовци. Кога некоја девојка или момче сакаат да се облечат побогато или да трошат повеќе пари, а домашните велат: “да не си ќерка или син од Бомбола”!

Loading