ЈКП КОМУНАЛЕЦ
Од Комуналец апелираат граѓаните, при посетатата на спортско рекреативниот комплекс – Вештачко езеро, да ги користат корпите за отпадоци кои ги има на секој чекор, и контејнерите поставени на платото за да се зачува убавината и животната средина и да не се нарушуава сликата со фрлен отпадок надвор од кантите.
Проектот “Прилепско езеро – нови авантури, нови можности”, односно спортско – рекреативниот комплекс крај Вештачкото езеро, го врати сјајот на некогаш најпопуларното и омилено излетничко место. Мултимедијалниот простор содржи летниковци и клупи, кошаркарско игралиште со трибина, игралиште за одбојка и маси за пинг-понг, детски игралишта за најмладите посетители. Поврзани се со пешачката патека од 700 метра, осветлена со канделабри. Има и пристапна рампа за лицата со инвалидитет.
За одржување на чистотата, набавени се контејнери и ново комунално возило за подигање на сметот, со капацитет од 13 метри кубни, изграден е и паркинг простор за моторни возила и за велосипеди, а на целиот потег во зоната поставени се клупи, корпи за отпадоци, информативни табли и патокази.
Вредноста на проектот, финансиран од ЕУ, а реализиран преку Светската банка, изнесува 49.5 милиони денари, од кои 6 милиони се учество на Општината, Прилеп.
