ТОРТА ЗА ПОЛУВЕКОВНИОТ ОЛДТАЈМЕР

Иван Стојаноски (52) одржува автомобил АУДИ од 1971 година

Аудиот од 1971 година на Иван Стојаноски, наследен од неговиот татко Благоја, доби роденденска торта за полувековниот живот на плоштадот покрај најсовремениот Ауди од последната генерација. Во соработка со претставникот на Ауди во Македонијасе пресече роденденска торта во вид на автомобил со препознатливите споени четири круга покрај ,,младиот,, брат на Ауди. Се славеше белиот на возраст од половина век, крај, црниот, најновиот дострел на германска фирма, кој негува надеж дека ќе ја доживее ,,судбината на постариот брат,,. 

За Стојаноски, Аудито е семејна амаллија со која веќе располага третата генерација. Починатиот татко пред смртта, својот миленик на четири тркала од младоста, го предал официјално на својот внук Благоја да го негува, одржува и освежува за да стане заштитен знак на семејството.

Автомобилот е во возна состојба и одржан со мали знаци на корозија. Германскиот бензинец го донесол неговиот татко од Љубљана пред половина век. Бил своевидна атракција во градов каде се движеле само Фиќа, Фиат 1300, по некоја Шкода, Лада и едно-две Пежоа 404. Пленел со дизајнот, внатрешниот ентериер, па и брзина. Моторот со сила од 60 коњи, достигнувал брзина од 130 километри на час. Минал 140 илјади километри низ земјава и во странство. Олдтајмерот е во солидна работна состојба. Сопственикот одвреме – навреме го повозува низ типската населба да не затаат некои делови од машината. Контролиран е од мајстор.

– Паметам дека некогаш не не оставил на патување. Сме уживале во патувањата. Спомен е од детството, а сега е наследство. Последниве години се возевме неколку пати до Битола по стариот пат. Редовно е одржуван. Пали како швајцарски саат. Моторот и менувачот се перфектни. Се возеше до 2000 година. После остана во гаражата, па надвор. За да го спасам и заштитам од корозија, на голем најлон го ставив автомобилот на две талпи осгоре го завиткав како бонбона да не го допира влагата. Стоеше така пет години. Го возам низ уличките во населбата. Се надевам дека синот ќе го дотера и ќе одржува. Делови се најдуваат во Англија, ама се многу скапи – вели Стојаноски.

Смета дека инженерите биле гении, оти го составиле без компјутери и слични други помагала.

Две слики на едно место во растојание од 50 години

Роденденот се прослави во соработка со Ауди Македонија. Им пратив стара слика од пред 50 години кај чешмата кај Езерото и нова слика со Аудито на истото место. Ги заскокотка и ја прифатија идејата да се одбележи годишнината, да се направат фотографии и да се пресече торта за ,,славеникот,, на плоштадот. Беше предвидено на денот на првата регистрација, 30 септември, ама се одложи неколку дена поради дождот. 

Љубопитните сограѓани ја делеа радоста на роденденската фешта, создавајќи фотографии и поставувајќи прашања на сопственикот.

Loading