ЖИВОТОТ Е ПАРТИЈА ШАХ

Благоја Дамески – Стоматолог во пензија и пасиониран шахист на 77 години

Математика, логика, уметност и спорт имаат еден заеднички именител, наречен ШАХ. Оној кој ќе ја научи оваа игра, обично ќе ја засака и ќе се заљуби. Дека е така потврда е нашиот сограѓанин, доктор примариус по стоматологија Благоја Дамески. Со децении шахот му е перница и утринско кафе. И во пензионерските денови гори љубовта кон оваа древна игра.

Повод за прошетка по шаховската табла со црно бели фигури е неговата втора книга за шахот, насловена  ,,Капка од шаховскиот океан,,.

-По  првенчето ,,Танцот на фигурите,, втората е уште едно шаховско издание на Дамески со шаховска категорија, мајстор. Всушност, книгата има двајца автори. Како партнер, и во шахот, и во творештвото, е неговиот син  м-р Васја Дамески, дипломиран инженер геолог. Меѓу шаховските категории котира на позицијата, кандидат за мајстор. Пензионираниот стоматолог и активниот геолог создадоа шаховска книга. Осврт на публикацијата има велемајсторот Звонко Станоески.

Дамески е прилепчанец на 77 години. Додека бил основец, па гимназијалец, и кога ги откривал тајните на стоматологијата, никогаш не се делел од својата пасија, шахот, која тој ја смета како игра на мудреци или како што некои велат, гимнастика на мозокот. Играта ја запознал со занес во пионерскиот дом. Во шахот се докажал и син му Васја. На таа патека чекори и внука му, трагајќи и откривајќи ги загатките на шаховските лавиринти. Шахот кај Дамески станува традиција, засега до третото колено.

Професијата и работните обврски не му пречеле активно да се посвети на дописниот шах од седумдесетите години. Ова го пишува мајсторот Љубомир Хаџи-Минев во книгата  со наслов ,,Дописниот шах во Македонија,,. Може да се забележи дека многу страници се посветени на мајсторот на шахот, Дамески.

dameski 2

За да се избројат освоените поени на официјални настапи во шах, ќе биде потребен поголем простор. Еве неколку, Дамески го носел националниот дрес на 24 партии. За репрезентацијата на Македонија освоил 19,5 поени, а за Југославија одиграл две партии со мајстор од Ленинград. Во  двете бил победник. Според меѓународниот шаховски сојуз, Дамески одиграл 14 меѓународни партии и постигнал рејтинг од 2308. Така ја стекнал титулата, мајстор.

Поетот Бајрон, кој бил страстен играч на шах, напишал – ,,Животот е прекраток за шах,,. Дамески оценува дека поетот не бил во право, туку и животите на генерации и генерациите се премногу кратки за спознавање на шахот. Шахот е уметност која ја илустрира убавината на логиката.

-Шахот е уметност и наука. Го доживувам како поезија. Со летот кон месечината, човекот се доближи до боговите. Ама, играјќи шах, тој е одамна со нив. Постарите шахисти биле творци, а на сегашниве, компјутерите им кажуваат сé. Мислам дека компјутерот ќе го уништи задоволството од играњето шах. Ќе го уништи шахот – додава Дамески.

,,Капка од шаховскиот океан,, е поделена на практичен и на теоретско филозофски дел. Во првиот дел е осврт на варијанти на отворања, пример Сицилијанска одбрана со варијанти на систем Рубинштајн, Змајева варијанта, Најдорфова варијанта, Современо продолжение и дава совети како да се  играат шаховските отворања.

Како специјалилист за стоматологијата Д-р Дамески напишал 46 научни трудови иако за титулата примариус се доволни 20. Трудовите ги бранел пред експерти од Љубљана, Загреб и други метрополи. И како пензионер, пишува колумни за состојбата во земјава, осврнувајќи се на актуелните политички текови, коментирајќи и анализирајќи ја реалноста со свои национални погледи. Очекува да ги стави колумните меѓу корици и да издаде книга.

shah

Loading